Законодавните тела на Хаваи штотуку ја одобрија забраната за употреба на хемиски креми за сончање кои ги убиваат коралните гребени. Доколку гувернерот на Хаваи ја одобри забраната за креми за сончање, државата ќе биде првата во САД и во светот која ќе ги надвладее производителите на такви производи. Докажано е дека хемиските креми за сончање кои содржат оксибензон и октиноксат ја менуваат структурата на ДНК на младите корални гребени и тие не можат да се развиваат нормално, пишува Inhabitat.
Вчера законодавните тела на Хаваи усвоија предлог-закон со кој се забрануваат кремите за сончање кои ги содржат тие штетни хемикалии. Освен тоа што им наштетуваат на коралните гребени, постојат докази дека тие претставуваат опасност и за луѓето затоа што ја нарушуваат функцијата на ендокрините жлезди и потенцијално ја оштетуваат човечката ДНК.
Противниците на забраната велат дека на Хаваи, каде што веќе има голем број заболени од рак на кожа, забраната само ќе го зголеми тој број. Забраната нема да се однесува на креми препишани од лекар кои ги содржат тие хемиски состојки, ниту пак ќе се однесува на креми со физички блокатори на сонцето како што е цинкот. Тоа значи дека сепак луѓето ќе имаат опции за да се заштитат од сончевите зраци. Доколку се воведе забраната, таа ќе стапи на сила на 1 јануари 2021 година.