Цената на ванилата во минатите две години постојано расте, па овој сладок зачин кој толку често го консумираме во сладолед или торта моментално чини повеќе од среброто, пишува BBC.
За килограм ванила сега се плаќа околу 600 долари, што е повеќе отколку за килограм сребро. Најголемиот дел од ванилата, околу 75%, се одгледува на тропскиот остров Мадагаскар, блиску до југоисточниот брег на Африка.
„Главна причина за високата цена е циклонот кој минатата година го погоди Мадагаскар и уништи многу плантажи. И покрај надежите дека цената ќе падне, таа и понатаму се држи на високо ниво поради силната побарувачка, а слабата понуда“ изјави Џулијан Гејл, аналитичар на пазарот на суровини.
Инаку, се работи за зачин кој тешко се одгледува бидејќи е плод на еден вид на растението орхидеја. Ванилата е вториот најскап зачин во светот после шафранот. Други поголеми производители на зачинот се Папуа Нова Гвинеја, Индија и Уганда. Се извезува секаде низ светот, а најмногу во САД поради големата индустрија на сладоледи.
Природниот екстракт од ванила е јак ликер со светло кафеава боја и со интензивен мирис. Синтетичката арома наречена ванилин, пак, се добива од дрво, а понекогаш и од нафта, а се очекува дека многу индустрии ќе почнат да ја користат оваа состојка за да ги намалат трошоците.
Еден британски производител на сладоледи поради високите цени на ванилата повеќе не го нуди овој вкус на сладолед. Истото почнаа да го прават и малите производители на сладолед во Велика Британија бидејќи не можат да си дозволат да платат неколку илјади фунти за да набават ванила.