Поднесување барања за субвенции за печки на пелети до 21 мај

- Advertisement -

Град Скопје потсетува дека е во тек јавниот повик за надоместување на дел од трошоците за набавка на печки на пелети. Граѓаните што ќе купат печки на пелети заклучно со 21 мај 2018 година ќе добијат дел од трошоците за набавка во висина од 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство. Овој повик ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Град Скопје го објави овој јавен повик за да се унапреди квалитетот на воздухот и да се намали аерозагадувањето, особено од партикуларните честички од затоплувањето на домовите што не се приклучени на централното греење.

- Advertisement -

Предноста на користењето на пелетите е повеќекратна: поголема калориска моќност, минимално загадување на воздухот, продуцирање на помала количина пепел, се продаваат во рефус варијанта, во кеси од 15кг, поради што набавката може да се одвива континуирано, по потреба, не е потребен голем простор за складирање и чување и сл, наведуваат од Град Скопје. Печките на пелети, пак, се поефикасни од класичните, помалку загадуваат, нема потреба од секојдневно чистење пепел и се полесни за ракување.

Повикот за субвенционирање беше објавен на 5 април 2018 година и е предвидено да трае 45 календарски дена, заклучно со 21 мај 2018 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена. Досега до Град Скопје се поднесени 163 барања за субвенции.

Сподели!
- Advertisement -