Д-р Јоке Ланд е психолог, претприемач со 25-годишно искуство, професор на Универзитет во Холандија и сертифициран монтесори наставник. Таа во 1993 година формираше сопствен тренинг институт кој низ годините прерасна во Интернационален институт за применета психологија Биро Ланд. Во Македонија овој Институт работи веќе 8 години со тренирање на различни тимови како да се соочат со новите промени што се случуваат на пазарот, како до одржлив бизнис, како до иновации и зголемување на креативноста во нивното работење. Во моментов во Македонија д-р Ланд подготвува екипа и проектна апликација, кои треба да помогнат да се врати самодовербата на наставниците, да се зголеми нивната креативност со воведување на современ наставни методи и техники согласно искуството од Холандија.
Со нејзе разговаравме на тема образование и иднината на едукативниот систем, кој нужно мора да се менува паралелно со промените кои се случуваат во сите сфери од животот.
„Мојата визија е дека едукацијата е иднината на секоја земја. Едукацијата што ја добиваат младите луѓе во текот на образованието е главниот фактор кој ги насочува како да размислуваат за работите околу нив – со страв или со предизвик! Голем дел од достигнувањата на младите луѓе во нивниот понатамошен професионален и приватен развој се последица токму на нивните ставови, верувања, однесувања стекнати низ процесот на едукација започнат уште од најрани години“, појаснува д-р Ланд.
Зошто е важно инвестирањето во едукативниот систем да биде направено преку инвестирање во наставниците и студентите?
Сегашните ученици и студенти се идните лидери на оваа земја. Колку ќе инвестирате денес толку ќе имате утре на сите полиња. Наставниците, од друга страна, се сегашните лидери на идните лидери. Иднината на оваа убава земја Македонија е во рацете на наставниците и студентите. Инвестирајќи во нив, инвестирате во иднината на вашата земја. Ние, европските земји токму од таа причина одвојуваме секоја година значајни средства за инвестиции во образованието.
Дали може да ни ги објасните разликите помеѓу македонскиот и холандскиот едукативен систем?
Многу е тешко да се направи споредба меѓу два едукативни системи во две различни земји. Системските и историски промени и карактеристики влијале на формирање на тие системи. Но, образованието не смее никако да биде формирано само од историјата и непроменливиот начин на размислување на луѓето во одредена култура. Секогаш е многу корисно да се користат знаењето и искуствата од другите култури. Системот во Холандија ги тренира наставниците да ги гледаат младите луѓе како уникатни млади индивидуи, ги тренира наставниците како да го препознаат талентот во секое дете и понатаму да придонесат за неговиот целокупен развој како индивидуа. Младите луѓе во Холандија се мотивирани и инспирирани од наставниците да поставуваат прашања и да развијат сопствен начин на размислување полн со самодоверба, креативност и одговорност. Преку нашиот систем на едукација се трудиме младите луѓе да бидат способни сами да ги креираат опциите за својата иднина, а не да чекаат некој да им помогне и да бидат спасени.
Во Македонија има многу шаблони на однесување останати од минатото, фокусирани на неприменливо знаење. Она што треба да се поттикнува кај младите луѓе во Македонија е флексибилноста на умот низ процес на експериментирање и правење на работите, не само фантазирање и одложување на процесот на правење на работите. Преку вашиот едукативен систем не е лесно да е изгради самодоверба во младите луѓе, да чувствуваат и веруваат дека се способни самите да ја креаираат својата иднина. Тоа ќе дојде кога ќе се промени рамката на размислување кај младите луѓе, која што може да се развива само во здрав едукативен систем.
Дали се поврзани креативност на младите луѓе со нивната способност за креирање на сопствени работни места?
Креативноста значи дека мозокот станува флексибилен истите нешта да ги перцепира во сосема ново и различно светло. Креативниот начин на размислување е секогаш насочен кон опции. Учењето на факти и нивното повторување нема никогаш да ја развијат кретивноста кај младите. Младите луѓе треба да бидат насочени како да ги поврзуваат знаењата што веќе ги имаат стекнато во текот на образовниот систем со цел да ја ослободат нивната креативност и да се добијат сосема нови идеи, нов начин на гледање на истите работи, изнаоѓање на нови решенија во различни области и креирање на сопствени работни места. Да, тоа се тренира и се постигнува токму низ процесот на едукација.
Минатиот месец по повод Светскиот ден на креативноста и иновативноста Националниот центар за иновации на Македонија и Меѓународниот Институт за применета психологија Биро Ланд организираа настан на кој ја нагласија важноста на креативноста како дел од едукативниот систем. Настанот беше поддржан од заменик премиерот Кочо Анѓушев, министерот за образование Арбен Адеми, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методи, професор д-р Никола Јанкуловски, и холандскиот амбасадор во Македонија Воутер Пломп. Со организирањето на овој настан Македонија, влезе на веб страната по повод светскиот ден на креативноста и иновативноста заедно со останатите европски земји.