Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје од претстојниот викенд воведува бесплатен превоз на патници на автобуската линија број 28 од Транспортен Центар до Македонско село.
Од претпријатието велат дека превозот ќе биде бесплатен со цел промовирање на градските историско-културни знаменитости. Бесплатниот превоз ќе важи за деновите од викендот односно сабота и недела и во денови на државен празник.
Истовремено, донесена е одлука автобуските линии со број 25А Автомакедонија – Средно Водно и број 25Б Дом на печат – Средно Водно да станат дел од редовниот линиски превоз, покрај линијата 25 чија почетна станица е Транспортен центар, а оди до Средно Водно, која е веќе редовна автобуска линија. Во изминатиов период 25А и 25Б функционираа како пробни линии. Превозот на овие линии како и досега ќе биде бесплатен за време на викенди и државни празници.
Возниот ред на линиите е објавен на веб-страницата на претпријатието. „Потребата за воведување на бесплатен превоз на претходно посочените линии е инициран од Град Скопје, по предлог на голем број на граѓани, пред сѐ од еколошки аспект и ставање во контролирано и регулирано движење до Средно Водно и подрачјето на Нерези – Македонско село“, велат од ЈСП.
Очекуваат со бесплатниот превоз да ги поттикнат граѓаните да ги остават возилата и да ги користат услугите на ЈСП со што ќе придонесат за зачувување на природните убавини кои ги има планината Водно и подрачјето на Нерези.