Холандскиот град Ајндховен до идната година ќе добие пет 3Д испечатени куќи, кои ќе може да се земат под кирија. Со тоа, меѓу другото, ќе се реши проблемот со недостигот од ѕидари, пишува tportal.hr. За првите пет куќи, кои ќе имаат по две спални соби, веќе првата недела се заинтересирале 20 семејства.
Освен поевтината изработка, проектот Milestone за 3Д печатење куќи треба да понуди и ефикасно решение за недостигот од вешти ѕидари во земјата. Сепак, воедно треба да ги намали и трошоците за градба, како и штетата врз животната средина така што ќе се намали количината цемент која се троши при градењето.
Покрај холандската кмпанија Van Wijnen и други партнери, во проектот учествува и Технолошкиот универзитет од Ајндховен, чиј 3Д испечатен мост за велосипедисти беше пуштен во употреба минатата година во центарот на градот Гемерт.
3Д печатачот кој се користи за куќите е составен од огромни роботски раце со шприц, од кој излегува посебна смеса од цемент, која според текстурата, наводно, наликува на шлаг пена. Според нацртите на архитектите, цементот се нанесува слој по слој за да настане ѕид и да се зголеми неговата издржливост.
За првите четири 3Д куќи со печатач ќе бидат направени само надворешните и внатрешните ѕидови. За петтата куќа ќе бидат испечатени многу повеќе елементи, вклучувајќи и цевки за одвод и друга инсталација, и тоа на лице место, со што дополнително ќе се намалат трошоците. Сепак, темелите ќе се копаат на вообичаен начин.
Од компанијата Van Wijnen очекуваат дека за пет години отсега 5% од куќите ќе се прават со помош на 3Д печатач и дека овој начин на градење ќе биде поевтин од обичниот, ѕидарски. Петте 3Д испечатени куќи се прават во шума во близина на пристаништето во Ајндховен. Планирано е да бидат готови до крајот на годинава, по што ќе бидат понудени за наем.