Одржување на основачки состаноци – со меѓуресорната работна група со претставници од општината, институциите и локалните граѓански организации, како и со жените претприемачки
Во Салата на Советот на Општина Ѓорче Петров – Скопје, се одржaa два состанока, во рамки на проектот „Креирање на поволен деловен амбиент и обезбедување подобра системска поддршка на претпријатијата во сопственост на жени“, финансиран од Европската Унија, кој Здружението на бизнис жени го спроведува како субгрантист во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20 (ЈЕСНетворк+)”.
Целта на состаноците беше иницијално запознавање на членовите на работните групи и започнување на првична дискусија, за подобар прием на Стратегијата за развој на ЖП во РМ, за нејзино прифаќање и имплементирање. Вакви состаноци до крајот на овој месец ќе бидат одржани и во преостанатите градови опфатени со проектот – Кичево, Куманово, Велес и Битола.
Проектот „Креирање на поволен деловен амбиент и обезбедување подобра системска поддршка на претпријатијата во сопственост на жени“, се спроведува веќе 5 месеци и има за цел подобрување на деловниот амбиент и подобра системска поддршка за развој на ЖП во РМ, воочи усвојувањето на Стратегијата за развој на женско претприемништво во Република Македонија, 2018-2022. Досега, во петте наведени општини, се одржаа обуки за родово сензитивно буџетирање и негово препознавање. Исто така, во интерес на успешна реализација на проектот, Здружението на бизнис жени потпиша меморандуми за соработка со општините, што на активностите и на проектот им дава поголем значај и подобра видливост.
Првиот состанок беше основачки состанок на меѓуресорната работна група со претставници од општината, институциите и локалните граѓански организации, а вториот состанок се реализираше како работна средба со жени претприемачки од општина Ѓорче Петров, и пошироко, од град Скопје, со жени и девојки кои имаат сопствени бизниси, или имаат бизнис идеја и размислуваат за старт-ап, амбициозни жени и девојки, со желба да се вклучат, вмрежат и придонесат со своето присуство.
Двата настана беа одлична можност за дискусија и споделување на информации и идеји, воспоставување на контакти и вмрежување, како за институциите и граѓанските организации, така и за девојките и жените, со отворена можност да се приближат кон институциите и невладиниот сектор, за подобра идна соработка и заедничко делување.