Над 5 милиони евра субвенции за нискобуџетни авиокомпании од август

- Advertisement -

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска на прес-конференција го претстави новиот повик за доделување финансиска поддршка за авиокомпании за нови дестинации од аеродромите во Скопје и Охрид.

Новиот договор за доделување финансиска поддршка од државата за воведување нови дестинации од македонските аеродроми треба да биде потпишан во август годинава со авиокомпанија што ќе биде избрана на повикот.

- Advertisement -

Со тендерот на кој понуди ќе може да се доставуваат до 27 јули, кога ќе има нивно јавно отворање, ќе биде избрана авиокомпанија која во наредните три години ќе добие финансиска поддршка од пет милиони евра. 

За секоја нова дестинација од аеродрoмите во Скопје и Охрид ќе се исплаќа еднократен надомест од по 40.000 евра. За секој патник во заминување во првите три години за дестинации од скопскиот аеродром авиокомпанијата ќе добива по девет, односно осум и седум евра, а од охридскиот аеродром финансиската поддршка по патник за првата година ќе изнесува 13 евра, односно 12 и 11 евра во втората и третата година.

- Advertisement -

Компаниите што ќе аплицираат, меѓу останатото, треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

„Финансиската поддршка ќе се додели на авиокомпанијата која ќе понуди најголем број нови дестинации на кои ќе оперира од и до меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот ’Св. Апостол Павле’ Охрид, а кои не биле опслужувани со редовен воздушен превоз во последните две ИАТА сезони“ изјави на прес-конференција ресорниот министер.

- Advertisement -

Според него, целата постапка ќе се одвива на јавен и транспарентен начин, а крајната цел е раст на авиосообраќајот и обезбедување атрактивни дестинации за граѓаните согласно нивните потреби по прифатливи цени на билетите.

Како што појасни Сугарески, на повикот може да се пријават сите домашни и странски авиопревозници, вклучително и нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“, која во изминатите шест години со два договори доби 9,5 милиони евра субвенции од државата.

Обврските на државата кон „Виз ер“, посочи Сугарески, се исполнети. Според условите на тендерот, компанијата што ќе биде избрана најдоцна до 1 декември треба да воспостави или да одржи база од најмалку еден воздухоплов на охридскиот аеродром, а најдоцна до 1 ноември годинава да стартува со оперирање на најмалку две дестинации од меѓународниот аеродром Скопје, а од охридскиот аеродром со најмалку четири нови дестинации, од кои првите две до крај на годинава, а останатите во рок од една година од склучување на договорот.

Сподели!
- Advertisement -