Цената на електричната енергија за потрошувачите во Македонија се намалува за 0,1 проценти. Пониската цена на струјата ќе важи од 1 јули годинава.
Одлуката ја донесе денеска Регулаторната комисија за енергетика, а денеска на прес-конференција ја соопшти претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
„Минатата година при пресметките РКЕ не го зема предвид воведувањето на евтината тарифа. Со воведувањето на евтината тарифа потрошувачката на електрична енергија се зголеми во периодите кога важи евтината тарифа, а се намали во периодите кога важи скапата тарифа. Врз основа на тоа, ЕВН Македонија остварува помали приходи и тоа е единствена причина за минималното намалување“ изјави Бислимоски.
Тој информира дека цената на ЕЛЕМ за производство се намалува за 3,39 проценти, на АД МЕПСО за дистрибуција се намалува за 5,34 проценти, додека на ЕВН Македонија за дистрибуција се зголемува за 2,59 проценти.
Како што информираа вчера од РКЕ, компанијата ЕВН побарала зголемување на цената за девет проценти, ЕЛЕМ намалување за 1,5 проценти, а МЕПСО не побарале ниту зголемување, ниту намалување.