Макпрогрес се претстави на најважниот саем од прехранбената индустрија во САД, Summer Fancy Food Show во Њујорк, што се одржа од 30 јуни до 2 јули 2018 година.
Компанијата изложи производи од своите брендови Винчини, Натура, Дониа и Фантазија, и предизвика голем интерес меѓу посетителите, особено со новите локуми на Дониа.
„Локумот на Дониа е многу добро прифатен каде и да го претставиме, тоа е производот што предизвика најмногу интерес и на овој настан како висококвалитетен традиционален деликатес.
Како Дониа, така и останатите брендови на Макпрогрес со производите што ги изложивме, беа повод за многу остварени средби со дистрибутери од цел свет и потенцијални контакти за пласман на нови пазари“ – изјави Јасмина Илиева, извозен менаџер во Макпрогрес.
За Summer Fancy Food Show велат дека не се раскажува, мора да се искуси со сите сетила, да се види, помириса и проба. Тоа е најголемиот саем за прехранбени индустрии што се одржува во Северна Америка и воедно најважното место каде се претставуваат иновациите од индустријата. Тоа е настанот на кој се предвидува иднината на храната!
Пресликано во бројки, се претставуваат: 80 000 специјални производи за прехрана и пијалоци од 2 600 производители, увозници и дистрибутери на 360 000 квадратни метри изложбен простор. Во тој простор се отвараат илјадници можности за вмрежување и разменување на искуства, организирани еден-на-еден средби со производители и дистрибутери, како и однапред профилирани спојувања на производители и клучни купувачи. Настанот се реализира низ богата програма, едукативни семинари, работилници и тури кои обезбедуваат детална обука предводена од индустриски експерти.
„Доколку го посетите саемот ќе откриете многу иновации и продукти, ќе направите клучни бизнис конекции и ќе добиете слика за трендовите на храната во иднина. Но, да се биде изложувач на саемот и да се претстави она што сте го работеле со својот тим години наназад, значи многу повеќе. Значи дека сте рамо – до – рамо со светските играчи во индустријата, дека вашето производство е одобрено на различни сертифицирани нивоа и вашето производство вреди да биде претставено пред светската јавност. Горди сме што Макпрогрес од Македонија беше дел од ова доживување“ –изјави Билјана Траjкова, извозен менаџер во Макпрогрес.