Кинескиот производител на електрични возила Cenntro Automotive Corporation заедно со својот партнер SEVIC eMobility од Луксембург планира да инвестира 10 милиони евра во текот на следните три години во фабрика за производство и склопување на електрични возила во Бугарија, пренесува SEENews.
Планирано е фабриката да се изгради во Тракиската економската зона околу Пловдив и истата да биде регионален центар не само за склопување на возилата, туку и за производство на дополнителни делови и одржување, изјави извршниот директор на кинеската компанија, Питер Венг.
Фабриката би требало да има капацитет да вработи околу 150 луѓе, кои ќе работат на склопување на електричните мали товарни возила до 500 килограми, кои ќе можат да се полнат директно од електричните мрежи и нема да им требаат посебни станици за полнење.
Тракиската економска зона функционира како јавно-приватно партнерство на територија од околу 10,7 квадратни километри.