Фотоволтаични системи по принципот „клуч на рака“ е нова услуга на ЕВН која е достапна на пазарот за сите домаќинства и бизниси во Македонија. Целта е поголемо искористување на сончевата енергија преку иновативни решенија и современи технологии. Иновативност се обрати во ЕВН за детали како во пракса ќе функционира оваа услуга? Како се одвива процедурата за сите заинтересирани лица?
Тимот од експерти на ЕВН развива решенија по мерка на корисниците, што ја прави соларната обновлива енергија во Македонија достапна за користење за домаќинствата и компаниите. Ова значи дека сите заинтересирани физички и правни лица сега може да бидат корисници на оваа нова услуга на ЕВН. Процедурата започнува со поднесување на соодветно барање и тоа преку: Инфо центарот на ЕВН во Скопје (ГТЦ), во контакт центарот на 089 089 089, или пак на маил адресата gosolar@evn.mk. Во барањето се наведуваат некои основни информации за објектот или локацијата каде што би се поставил фотоволтаичниот систем. Понатаму, врз основа на барањето се изготвува понуда која доколку се прифати се потпишува договор и се започнува со изработка на детално персонализирано решение за корисникот. Услугата на ЕВН подразбира целосен развој и имплементација на решението кое треба да даде најоптимални резултати за корисникот.
Што се опфаќа оваа услуга (елаборат, набавка и инсталација на опрема….) и колку чини истата?
Процесот започнува со изработка на детална анализа на потребите на објектот/локацијата на потенцијалниот корисник. Врз основа на оваа анализа, ЕВН на корисникот му понудува целосна услуга „клуч на рака“ која подразбира::
- Обезбедување на целокупна правна документација за поставување на опремата од соодветни институции, согласно Законот за градба.
- Управување со проектот и известување за напредокот на истиот;
- Проектирање на фотоволтаичниот систем и планирање на изведбата во согласност со релевантните локални и меѓународни стандарди и локални регулативи;
- Набавка на опремата и материјалот, инсталација, каблирање, модули, инвертери, систем за следење и контрола;
- Планирање и имплементација на монтажни системи, вклучувајќи дизајн според статичките барања и потреби;
- Мерење, тестирање и пуштање во работа на фотоволтаичниот систем;
- Прирачници и документација за одржување на системот;
- Можност за склучување на договор за редовно одржување и сервисирање на фотоволтаичниот систем.
Услугата е персонализирана и затоа за секој корисник цената би била различна. Цената зависи од многу фактори, а најмногу од големината на инсталираната моќност на фотоволтаичната централа.
Кои се придобивките за корисниците на оваа услуга?
Со поставување соларни панели, корисниците значително ја намалуваат сопствената потрошувачка преземена од дистрибутивната мрежа, што кај домаќинствата би можело да изнесува околу 30% од вкупната потрошувачка. Со тоа корисниците значително ги намалуваат и трошоците за електрична енергија. Од друга страна, животниот век на соларните панели може да трае и до 25 години што значи дека ова е долгорочна инвестиција.
Постојат и многу дополнителни причини за инсталирање на фотоволтаичен систем меѓу кои:
- Сонцето претставува бесплатен и неисцрплив извор на енергија.
- Значително се зголемува вредноста на објектот каде што се поставува системот.
- Се намалува експлотацијата на необновливите енергетски ресурси и со тоа:
- Се придонесува кон заштита на животната средина и намалување на емисијата на CO2.
[quote]Со поставување соларни панели, корисниците значително ја намалуваат сопствената потрошувачка преземена од дистрибутивната мрежа, што кај домаќинствата може да биде околу 30%![/quote]
Како оваа новина е усогласена со Законот за енергетика?
Новиот закон за енергетика овозможува поширока употреба на обновливата енергија од страна на поголем број на корисници. ЕВН како лидер на пазарот на услуги поврзани со електричната енергија веднаш понуди услуга која на домаќинствата и бизнисите им овозможува искористување на овие поволни промени. Во следниот период предвидено е да се доразвива регулативата со дополнителни подзаконски акти и многу брзо на граѓаните ќе им биде овозможено да ги користат сите предности кои произлегуваат од користењето на обновливите извори на електрична енергија. ЕВН во Македонија е дел од Групацијата ЕВН која има долгогодишно присуство на европскиот пазар. Користејќи го значителното знаење и искуство на полето на обновливата енергија, ЕВН разви услуга која ќе им помогне на корисниците во Македонија заеднички да инвестираме во одржлива иднина.
Има ли заинтересирани клиенти?
Интересот за инвестирање во фотоволтаични централи е голем и пазарот соодветно реагира на решенијата кои ги нудиме. Инсталацијата на фотоволтаична опрема за сопствени потреби е профитабилна инвестиција, особено за малите, но и за големите индустриски корисници. Во моментот разгледуваме голем број на апликации, и од домаќинства и од бизниси, а во наредниот период очекуваме уште поголем интерес од страна на корисниците.