Жителите на Ниш есенва ќе имаат прилика благодарение на блокчеин техологијата да испробаат поевтин и побрз трансфер на пари од дијаспората во рамките на пилот-проектот „Сигурно и лесно“. Овој проект кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации во Србија ќе биде реализиран во соработка со Градот Ниш, ирската компанија AID:TECH, Народната банка на Србија и Комерцијална банка.
Ниш од повеќе причини е избран како локација за спроведување на првиот пилот-проект, меѓу кои веројатно е најбитна традиционално силната врска на градот со дијаспората, како и отвореноста за примена на нови технологии. Ниш има долга традиција во областа на електронската индустрија и неодамна го стартуваше Регионалниот центар за блокчеин технологија. Од таа причина сите погодности на овој пилот-проект ќе бидат достапни за жителите на Ниш кои примаат средства од странство.
Идејата е на жителите на Ниш да им се овозможи сигурен и брз пренос на пари од странство, кој воедно ќе биде и поевтин, затоа што благодарение на блокчеин технологијата провизијата за пренос на средства ќе биде околу 3%.
Уплатувачот ќе има можност од странство да испраќа 100 долари или 100 евра, а штом ќе биде извршена уплатата примателот добива QR код на својот мобилен телефон или на имејл адреса. Откако ќе го добие QR кодот, со средствата може да располага веднаш и има можност во наредните 5 дена за потроши половина од парите во една од три избрани продавници во Ниш, додека другата половина може да ја потроши на плаќање сметки. Наплатата се врши со покажување на QR кодот на каса, односно на шалтер.
Програмата за развој на Обединетите нации го осмисли проектот за да тестира на кој начин овој вид технологија може да биде од корист за државата и за граѓаните, затоа што се знае дека речиси 800.000 жители на Србија примаат пари од странство. Доколку пилот-проектот се покаже успешен, нареден чекор би бил подобрување на законската рамка за користење на блокчеин технологијата во Србија.