Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, потпишаа меморандум за соработка, со цел заеднички да придонесат кон развојот на е-трговијата и развивањето на способностите, дигиталната писменост и градењето на капацитети во секторот за е-трговија во Република Македонија.
Меморандумот за соработка, што воедно претставува и пристапување на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство во почесно членство во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, го потпишаа претседателот на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска и деканот на ФИНКИ, проф. Д-р Иван Чорбев.
Потписниците на Меморандумот, соработката ќе ја остваруваат преку споделување на релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонесуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување на тековни и нови искуства, релевантни за областа на дејствување и соодветната целна група.
Воедно, како што информираат од Асоцијацијата, ФИНКИ е и дел од партнерите на првата конференција за е-трговија под наслов “eCommerce: The eFuture for eMacedonia!”, која има за цел да придонесе кон поголеми знаења поврзани со е-трговијата вклучувајќи ги и поврзаните услуги и технологии и да придонесе кон намалување на препреките кои го ограничуваат развојот на оваа дејност.
Со ова, и двете страни укажуваат на меѓусебна соработка со која ќе придонесат кон подобрување на е-трговија, каде што како еден од проблемите за развој претставува и едукацијата на крајните корисници и малите и средни претпријатија за инволвирање во е-трговија.
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се стреми кон инклузивна е-трговија, а преку потпишување низа меморандуми со засегнатите страни од областа, има за цел да креира иднина за раст на е-трговијата и успех во рамките на Република Македонија.