Carlsberg, познатиот дански производител на пиво, е првата компанија во светот која нема повеќе да ги користи пластичните држачи за лименки пиво. Наместо тоа, компанијата има иновативно решение – посебен вид лепак, кој ќе ги држи лименките една до друга и ќе се кине при повлекување.
Со исфрлањето на пластичните држачи од употреба ќе се намали пластичниот отпад кој го прави Carlsberg за 76% и ќе се елиминираат 1.200 тони пластика. Тоа е еднакво на 60 милиони пластични кеси.
„Четири, шест или осум лименки сега ќе бидат залепени со посебен цврст лепак, кој е дизајниран да издржи секакви температури, транспорт и ладење во фрижидер. Кога ќе повлечете една лименка, ќе слушнете пукање на лепакот. Најдобро од се е што лепакот може да се рециклира заедно со алуминиумската лименка“ велат од Carlsberg.
Како што пренесува Tree Hugger, компанијата веќе три години тестира 4.000 различни формулации за лепак пред да се одлучи. Ова е неверојатен изум затоа што пластичните држачи за лименки се навистина опасни за морскиот свет. Честопати животните ги помешуваат со храна, ги проголтуваат или заглавуваат во отворите. Некогаш се исфрлаат на бреговите – се случува во еден ден на брег да се исфрлат 100 држачи.
Британците се првите кои ги испробаа новите пакувања пиво со лепак, затоа што тие консумираат 30% од пивото што го произведува Carlsberg. Новите пакувања најпрвин беа лансирани во Норвешка, а во иднина лепакот ќе се користи за сите линии производи на компанијата, вклучувајчи ги и пивата Tuborg и San Miguel.
Ова решение е пореалистично и поевтино од биораградливите пакувања, кои поради тоа што се базираат на житарки се хранливи за морскиот свет. Сепак, тие се скапи и токму затоа бавно се прифаќаат од другите компании. Оваа најава од Carlsberg може да стане пример кој ќе го следи остатокот од компаниите за пиво.