Норвешката компанија OffshoreSensingAS стана првата во светот која успеа да го освои натпреварот MicrotransatChallenge, во кој тимови од целиот свет се трудат да го препловат Атлантскиот Океан меѓу Канада и Ирска со помош на својата целосно автоматизирана робот-едрилица.
Едрилицата се вика SB Met, долга е само два метри, но успешно се справи со сите предизвици и временските услови коишто владеат на Атлантикот и на крајот стигна до целта, поминувајќи 5.000 км за 79 дена. Со ова норвешкиот тим успеа таму каде што не успеаја слични пловила на 23 екипи кои безуспешно се обидуваат да го освојат Мicrotransat Challenge од 2010 година досега, пишува Vidi.hr.
Откако стигна до Ирска, што беше потврда за победата, едрилицата сега тргна на пат до Норвешка, каде што е сместена компанијата Offshore Sensing AS, што значи дека ќе помине уште 1.300 км пред да започне славењето во земјата на викинзите.