Во Холандија беше пуштена во употреба првата велосипедска патека во светот целосно направена од рециклирана пластика, што има за цел намалување на милионите тони пластичен отпад. Велосипедската патека е долга околу 30 метри, а се наоѓа во градот Зволеу на северот од Холандија, кој е стар повеќе од 1.300 години. За изработка на патеката биле искористени 500.000 пластични капачиња и се проценува дека е два-три пати поиздржлива од традиционалните патеки.
Осум милиони тони пластични шишиња, амбалажа и останат отпад завршува во океаните секоја година и ги буива морските животни. Овој проект во Холандија е првиот голем чекор кон поодржливи сообраќајници во иднина направени од рециклиран пластичен отпад, велат идејните творци на патеката, Ан Кудстал и Сајмон Јорицма.
Инженерската компанија KWS, компанијата за производство на цевки Wavin и француската нафтена компанија Total заедно работеа на патеката, пренесува N1info. Градовите како Лондон, Амстердам и Париз постојано бараат начини за премин кон циркуларна економија. Под тоа се подразбира повторна употреба на производи, делови и материјали, спречување на создавање отпад или загадување, како и користење помалки нови средства и енергија.
Холандската влада вети дека до 2030 година ќе ја преполови употребата на суровини, како и дека ќе го забрза преминот на циркуларна економија. Во ноември е планирано отворање на втора велосипедска патека направена од рециклирана пластика во селото Гиторн во североисточна Холандија.