Ресорното министерство го заврши мапирањето на целата територија. Дефинирало три области. „Бела“, „сива“ и „црна област.“ Белите области, односо местата каде бродбенд мрежи не постојат и каде најверојатно во наредните три години нема да бидат изградени – ги има низ целата држава.
,,Податоците покажуваат дека покриеноста со брзи бродбенд мрежи е приближно иста со просекот во Европската унија, што е многу добро. Но, постојната покриеност со ултра брзи бродбенд мрежи е доста пониска од просекот на ЕУ. Сепак, иако во моментов имаме добро покривање со брзи бродбенд мрежи, загрижува податокот за ниското користење на интернетот од страна на корисниците., вели министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Пристап до брзи мрежи имаат 78% од домаќинствата, а до ултра брзи околу 44%. Според планираните инвестиции на операторите за идните три години – околу 85% од вкупниот број домаќинства ќе имаат пристап до брзи мрежи, а околу 70% до ултрабрзи.
,,Според податоците на АЕК, 65 375 претплатнички договори се за пристап до брзи бродбенд мрежи од (30-100Mbps) Ова претставува 15,6% искористеност на вкупната постојна покриеност во државата со брзи бродбенд мрежи. 3 064 претплатнички договори се за пристап до улта брзи мреќи (над 100Mbps). Ова претставува 1,2% искористеност на вкупната постојна покриеност со ултра брзи бродбенд мрежи.
Онаму каде операторите немаат интерес за изградба на потребните мрежи, државата со помош од меѓународни финансиски институции ќе се вклучи во процесот да обезбеди интернет пристап на целата територија. Колку би ја чинело се уште нема пресметки, тоа ќе се знае откако ќе се подготви стратегијата и акцискиот план. Надлежните велат дека ова е огромен проект кои ќе трае долги години.
Манчевски најави дека Владата ќе формира и национална канцеларија за бродбенд која ќе го следи развојот на бродбендот, ќе дава насоки и совети за инвестициите во оваа инфраструктура, за користење државна помош…
Согласно дигиталната агенда на ЕУ, земјите членки се обврзани да усвојат национални оперативни планови за изградба на брзи и ултрабрзи мрежи. Најмалку 50 проценти од домаќинствата во ЕУ до 2020 година треба да имаат претплатнички договор за ултрабрз интернет, а најмалку во еден голем град во секоја земја членка да се обезбеди 5Г.