Над 40 станици за полнење на електрични возила ќе бидат поставени на централни јавни локации низ државата. Од нив 21 станица се поставени во Скопје, каде има и станици поставени во рамки на фреквентни бизнис објекти како хотели, ресторани и шопинг центри.
Секој заинтересиран сопственик на електрично возило може да ја користи мрежата на електрични полначи на ЕВН Македонија. За да може да го направи тоа неопходно е да се пријави во компанијата и да добие електронска катичка со која се активира полнењето.
Како што информираше претседателот на УО на ЕВН Македонија Штефан Петер на денешната промоција, до крајот на годинава во рамки на проектот „Електромобилност со ЕВН“ полнењето на електрични возила ќе биде бесплатно, а во текот на наредната година ќе се одреди цена што се очекува да биде пониска од цената на бензинот.
„ЕВН во рамки на проектот за електромобилност веќе една година работи на поставување полначи за електрични возила. Досега имаме поставено полначи во 17 градови во Македонија, најчесто на централните плоштади за да можат да се најдат лесно, а со тоа го решаваме проблемот на малата километража што некои електрични возила може да ја постигнат. Во Скопје веќе имаме инсталирано повеќе од 10 полначи, од кои еден во винаријата Камник. Следен чекор ни е да навлеземе во комерцијална соработика со некои хотели и ресторани за и таму да поставиме полначи“, изјави Петер.
Тој нагласи дека во Македонија сега само недостига поголем број на електрични возила, што имаат повисока цена од конвенционалните, но додаде дека тоа е цената која сите треба да ја платиме за чистиот воздух.
Станиците за полнење на електромобили ги поставува ЕВН Македонија која денеска ќе го промовира проектот „Електромобилност со ЕВН“. Со вака развиената мрежа на полначи се очекува сопствениците на електрични возила од земјава и од странство да можат да патуваат во било кој правец во и надвор од границите на Македонија.