Во чекор со современите достигнувања во банкарскиот свет Стопанска банка а.д. Битола ги отвори вратите на својот нов Деловен центар во Скопје кој се наоѓа на ул.Скупи 3 а. Деловниот центар во Скопје заедно со Централа на банката во Битола се двете седишта во кои Стопанска банка а.д. Битола активно работи.
Новите простории на банката претставуваат исклучително пријатна, флексибилна работна средина за вработените и нудат целосна функционалност при работата која овозможува подобрување на тимската работа и меѓусебната комуникација на вработените. Посветувајќи особено внимание и пресретнувајќи ги и најосновните потреби на своите клиенти банката до детали го има приспособено својот нов деловен простор за нив. Како дел од своето ново окружување, покрај пријатниот амбиент каде што секогаш ќе се чувствуваат добредојдени и ќе бидат квалитетно услужени, банката има обезбедено и лесен пристап за паркирање.
Покрај Деловниот центар на банката, се работи и на целосно ребрендирање на нејзините експозитури и банкомати. Ребрендирањето на сите банкомати низ целата држава е веќе завршено и истите имаат добиено нов, освежен и унифициран изглед, додека, процесот на реновирање на сите 19 експозитури низ цела Македонија е започнат, а предвидено е да заврши до крајот на оваа година.
Редизајнот на целокупниот изглед на банката го потврдува нејзиниот имиџ на современа и модерна банка која ги следи промените и одговара на предизвиците истовремено градејќи препознатливост и доверба кај клиентите.
„Ни претставува неизмерно задоволство што овој голем чекор што го правиме се случува токму во годината кога банката прославува јубилејни 70 години постоење. Тоа значи дека од една страна испишуваме една значајна историја, а од друга страна сериозно размислуваме и се посветуваме на иднината со цел да го прошириме успехот и да прославуваме уште поголеми јубилеи. Следејќи го констатниот пораст и позитивните резултати во повеќе сфери од деловното работење во последните години, сметаме дека новата работна средина ќе претставува само стимул плус да продолжиме да работиме со истото темпо на остварување на целите, да ја следиме нашата стратегија и да продолжиме да се истакнуваме како одговорна, модерна и квалитетна домашна банка“ велат од Стопанска банка а.д. Битола.