Virgin Galactic ќе лансира ракета во вселената за неколку недели, вели извршниот директор на компанијата, Ричард Бренсон. Тој додаде дека набрзо потоа ќе можат да ги испратат во вселената првите вселенски туристи. Сер Ричард е во жешка трка со основачот на SpaceX, Илон Маск и со извршниот директор на Amazon, Џеф Безос, кој ќе биде првиот што ќе испрати туристи во вселената, пишува DailyMail.
Virgin Galactic, која ќе наплаќа по 250.000 долари по човек за своите комерцијални летови, претходно изјави дека ќе ги испрати првите туристи во вселената во 2019 година. Но, Ричард Бренсон има навика да преувеличува кога станува збор за времето потребно неговата компанија да реализира некој проект, па досега неколку пати ги има промашено дадените рокови.
„Ќе патуваме во вселената за брзо врме, па пред нас се неколку многу возбудливи месеци“ додаде Бренсон. Бренсон ја основаше Virgin Galactic во 2004 година, а моментално компанијата работи на тоа да им овозможи на луѓето да отидат на кратко туристичко патување во вселената, десетици километри над површината на Земјата. Туристите ќе поминат неколку минути лебдејќи во нула гравитација во вселенски брод кој се приближува или оди низ Кармановата линија, односно границата меѓу атмосферата на Земјата и вселената, што е оддалечена 100 километри.