Ford минатата недела го најави новиот модел на полициски автомобил кој ќе биде достапен во САД и кој барем кога се полициските возила во прашање, треба да собори неколку рекорди. Моделот 2020 Ford Police Interceptor Utility со погон на сите четири тркала и 3.0 EcoBoost V6 мотор на сите полициски тестови се покажа подобар и побрз од останатите автомобили кои ги користи полицијата.
Максималната брзина на овој автомобил изнесува 240 км/ч, а благодарение на силниот мотор и погонот на сите четири тркала, ниту еден досегашен полицисики модел не може да му парира кога е во прашање забрзувањето од 0 дo 100 км/ч. Од компанијата не објавија конкретни бројки, односно колку секунди ќе му бидат потребни за остварување на таа брзина, но тврдат дека ова возило е најбрзо!
Освен со тој мотор, достапна е и верзија со хибриден мотор со кој се жртвува дел од брзината, а годишната заштеда ќе биде незначителни 3.500 долари по возило. Бидејќи станува збор за полициско возило, од Ford велат дека посебно внимание посветиле на перформансите кои се битни за потера, а во зависност од желбите и потребите, достапни се и некои дополнителни опции.
На пример, Ford Telematics дава информации за состојбата на автомобилот и заштедата на гориво, додека системот Perimetar Alert го следи движењето на луѓето и предметите околу возилото и може да препознае дали има сомнително однесување. На мониторот се прикажуваат луѓето или возилата и степенот на потенцијална опасност која ја претставуваат, а ако системот заклучи дека некој претставува потенцијална закана, ќе ги подигне прозорците, ќе го заклучи автомобилот и ќе издаде предупредување.
Полициските станици во дел од САД веќе можат да го нарачаат овој автомобил, но сепак ќе треба малку да почекаат додека првите полицајци седнат во овој ѕвер од возило затоа што првата испорака е планирана за идното лето.