Фондот за Западен Балкан, што првата инклузивна и регионална меѓудржавна организација на Западен Балкан, на 1 ноември ја одбележува својата прва годишнина од отворањето на канцелариите на Секретаријатот во Тирана
Во минатата година Фондот го распиша првиот повик за поддршка на мали проекти на кој аплицираа повеќе од 350 апликанти со 1.290 партнерски организации. На овој повик беа доделени 18 гранта каде 84 организации во моментов работат заедно на имплементација на проектите во регионот, наведува Фондот во соопштение.
Фондот заедно со своите грантисти организираше повеќе од 40 работилници, инфо сесии, тренинзи, конференции и фестивали, а тимот составен од регионални експерти посети повеќе од 50 локални, регионални и европски настани.
Оваа година беше од исклучително значење за Фондот, која беше исполнета со многу задачи, важни средби, имплементирани проекти и многу стимулирачки идеи кои ќе ја трасираат идната работа на организацијата. Во текот на дванаестте месеци Секретаријатот во Тирана го посетија бројни државни претставници, амбасадори, донатори, невладини организации и други регионални и европски партнери.
Фондот наскоро ќе го распише и вториот повик за регионални проекти, следејќи ја својата мисија и работејќи на подобрување на контактите меѓу луѓето и регионалната соработка во регинот на Западен Балкан.
Со континуирана поддршка на шесте влади на Западен Балкан, Фондот се обврзува дека ќе поддржи повеќе проекти, ќе инволвира повеќе организации и ќе придонесе за зајакната соработка во регионот, се наведува во соопштението на Фондот за Западен Балкан.