Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го отвори новиот аеородром во Истанбул „Istanbul Yeni Havalimani“, кој е најголемиот аеродром во светот!
Аеродромот се наоѓа во европскиот дел на Истанбул, а предвидено е да опслужи 90 милиони патници годишно, а 200 милиони кога целосно ќе биде завршен за 10 години.
Се очекува до кајот на годинава околу 250 превозници со околу 2 000 авиони да летаат до повеќе од 350 дестинации.
Ова е трет аеродром во Истанбул. Аеродромот „Ататурк“ кој е еден од најпрометните во Европа на крајот на годината ќе биде затворен за редовни комерцијални летови кои ќе ги преземе новиот аеродром. Првото патување од новиот аеродром ќе биде на 31 октомври кон Анкара, а првиот меѓународен лет ќе биде за Северен Кипар.
Неговата изградба почна во јуни 2014 година, а сега е завршена првата од вкупно четири фази на изградба.
Изградбата на аеродромот чини 10,5 милијарди евра. Кога целосно ќе биде завршен, ќе се простира на површина од 7 659 хектари што е околу 76 квадратни километри и ќе има шест писти со капацитет за 500 авиони. На новиот аеродром ќе биде изграден и најголемиот светски трговски комплекс без царина. Ќе има и 70 000 паркинг места.
Макфакс