Училишен час во рамките на „#ПетокЗаМлади @ФИТР“
Интерактивен училишен час се одржа денес (09.11.2018 година) во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Часот го водеше професорот по дигитални системи и практична настава, Димитрија Ангелков кој предава во средно стручно училиште „Киро Спанџов“ од Кавадарци, а. истовремено е и основач на компанијата „Интерактивна иднина“.
Професорот Ангелков пред дел од учениците од ОУ „Петар Поп Арсов“ и гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ го претстави својот изум – интерактивна училишна табла, проект кој беше поддржан од ФИТР во висина од 26 илјади евра во рамките на четвртиот јавен повик за старт ап компании и комерцијализација кој ФИТР го спроведе во соработка со Светска банка.
На почетокот на настанот се обратија директорот на ФИТР, Јован Деспотовски и заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов.
Поздравувајќи ги присутните, директорот на ФИТР истакна дека целта на оваа иницијатива е да им се обезбеди на учениците поинаква атмосфера од вообичаената училница во која ќе можат слободно да ги искажат своите идеи, да бидат креативни и да размислуваат во насока на иновации.
„Целта е ние како ФИТР да се дружиме со учениците, а вие како ученици да научите нешто ново надвор од училишните клупи. Со други зборови, сакаме да ги поттикнеме учениците да развијат критичко мислење, но и да ја нагласиме потребата од воведување иновации и технологии во образованието. Денес презентираме одличен проект, иновативна училишна табла, со која очекуваме наставата да стане уште поинтересна за сите ученици“ истакна директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.
Заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов, ја поздрави иницијативата „#ПетокЗаМлади“ која има за цел насочување на младите кон критичко размислување и иновации преку ваков вид на отворени настани.
„Желба ни е да имаме што повеќе вакви процеси во насока на создавање дигитална Македонија. Тоа е потребно затоа што светот оди напред, а нашите системи некако бавно се придвижуваа години наназад. Наша цел е да го вистински да го унапредиме образованието. Ние сеуште чекориме зад вас, додека вие како ученици сте сè понапред преку користењето на мобилните телефони и други онлајн активности. Со напредното користење на интернетот веќе сте отидени понапред, а ние како структура доцниме зад вас. Токму затоа сакаме да направиме промени и ваквите настани и поддршката на овие проекти што ја дава ФИТР се важен дел од целиот тој процес“, посочи заменикот министер за образование и наука, Петар Атанасов.
Интерактивната табла е посебно осмислен уред со специфичен софтвер кој овозможува интерактивна работа за време на наставата. Употребата на овој уред овозможува учениците и професорите да бидат подеднакво активно вклучени во изучувањето на самата материја. Предноста на овој изум се состои во палетата можности што софтверот ги нуди, од интерактивни игри со педагошка цел до директно интервенирање на самата табла, моментално печатење на сработеното и слично.
Целта на иницијативата „#ПетокЗаМлади @ФИТР“ е да се поттикне размената на практични искуства меѓу учениците во насока на изнаоѓање иновативни решенија и креирање сопствени проекти надвор од училишните рамки преку интеракција и активно учење.