Смртоносна радијација од вселената, можно губење на видот, атрофија на коските. Тоа се само дел од предизвиците кои мора да ги надминат научниците пред некој астронаут да стапне на Марс. Американската вселенска агенција НАСА верува дека може да испрати човек на Црвената планета во текот на идните 25 години, но има големи технолошки и медицински препреки.
„Според постојните пресметки кои ни се на располагање, ќе ни бидат потребни 25 години да ги решиме тие проблеми, но со клучните технологии мора да почнеме веднаш“ велат од НАСА.
Со оглед на тоа дека Црвената планета е оддалечена 225 милиони километри, таа е неспоредливо поголема научна препрека во споредба со Месечината. Со денешната ракетна технологија, астронаутите до Марс би летале девет месеци. Физичката цена на еден толку долг лет би била преголема.
На пример, научниците мислат дека предолгиот престој во вселената може да предизвика непоправлива штета на крвните жили во очите и можно губење на видот. Втората последица која е веројатна е губењето на коскена маса. Еден од начините да се избегнат овие штети врз човечкото телот е драстично скратување на времето на патување.
„Ако почнеме сега, за 25 години би ја имале технологијата која ни е потребна и ќе не заштити од последиците на долгото патување. Засега уште немаме решение за заштита од космичкото зрачење“, објаснуваат од НАСА.
Според постојната ситуација, астронаутите само на летот до Марс би биле изложени на количина на радијација каква би имале во текот на целата кариера.
Научниците знаат кои технологии мора брзо да се развиваат ако сакаат да појдат до Марс и назад во рок од 25 години. Една од тие технологии е развој на вселенски брод кој може да го преживее грубиот влез во атмосферата на Марс и потоа доволно нежно да слета.
Другата технологија која им е потребна е да се подигнат од површината на Марс и да се вратат на Земјата. НАСА моментално има сонда на пат за Марс, која ќе слета на 26 ноември. Станува збор за мисија вредна 993 милиони долари со цел проширување на знаењето за условите на Марс. Во 2020 година уште еден ровер на НАСА ќе слета на Нарс и ќе се обиде да ја утврди гостољубивоста на тамошната средина, ќе побара знаци на некој древен живот и ќе ги процени природните ресурси и ризиците од идни човечки истражувања.