За да им помогне на своите вработени со мали деца и да им покаже дека го уважува нивниот приватен живот, како и да ја поттикне родовата рамноправност на работното место и дома, ИКЕА воведува нова мотивација за вработените. Сите нови татковци кои работат во ИКЕА во Србија отсега можат да користат еден месец платено породилно отсуство, кое ќе го поминат со своето бебе откако нивните сопруги ќе се вратат на работа.
Во текот на еднократното отсуство новите татковци ќе примаат целосна плата. Станува збор за дополнителна погодност која ја овозможува ИКЕА за своите вработени. Оваа одлука е дел од стратегијата на компанијата за југоисточна Европа за унапредување на родовата рамноправност во заедницата и настојување да им покаже на вработените дека ги цени како личности – од нивната улога на работа до улогата дома.
„Времето кое го поминуваме со семејството е битно за здрава рамнотежа на приватниот и деловниот живот и им носи задоволство на вработените. Сакаме да им помогнеме да остварат здрав баланс меѓу овие две битни улоги. Истовремено, свесни сме дека во повеќе од 95% од случаите во Србија главно мајките одат на породилно отсуство, најчесто бидејќи така одлучуваат поради финансиски причини. Како компанија која се залага за родова рамноправност, со платеното отсуство за татковците сакаме да ја промовираме рамноправната улога на татковците во грижата за децата од најрана возраст“ истакна Александра Триантафилиду, директорка за човечки ресурси на ИКЕА за југоисточна Европа.
Од ИКЕА веруваат дека платеното отсуство за татковците е од повеќекратно значење за порамноправно општество, но и за работата. На овој начин ИКЕА сака да им помогне на вработените подобро да ја разберат важноста на поделените улоги дома и да им го олеснат враќањето на работа на партнерите.