„Вага“, „Скорпија“ и „Стрелец“ се новите ковани пари за колекционерски цели што ги издаде и ги пушти во оптек Народната банка на Република Македонија
Станува збор за дел од серијата „Хороскопски знаци“, а цената на кованите пари е 2.800 денари.
Кованите пари за колекционерски цели издадени од НБРМ се законско средство за плаќање во Република Македонија.
Сите три монети во централниот дел на аверсот имаат четири атласа што го држат небото и круг со симболите на сите хороскопски знаци. На вметнато кобалтно стакленце е претставена слика на северното небо со ѕвездата Северница во центарот, опкружена со соѕвездијата Вага, Скорпија или Стрелец, зависно од паричката. Во долниот дел е претставен цртеж на Сончевиот Систем. На основата е прикажан дел од небесната карта. Во долниот дел од аверсот се прикажани грбот на Република Македонија и годината на издавање на монетата – „2018“. Прикажани се и натписите на македонски јазик: „Република Македонија“ и „100 денари“.
На реверсот, во горниот дел од монетата е претставена слика на вага/скорпија/стрелец од ѕвездениот атлас „Firmamentum Sobiescianum“ создаден од Јоханес Хевелиј на крајот на 17 век. Сликата на хороскопскиот знак и неговото соѕвездие преминува и на вметнатото кобалтно стакленце. Во горниот дел од монетата е претставен симболот на хороскопскиот знак вага/скорпија/стрелец. Во долниот дел е претставена златна слика на вага/скорпија/стрелец, врз цртеж на кој е претставен Сончевиот систем. На десната страна е прикажано латинското име на хороскопскиот знак, а на левата страна, ознаката Ag925.
(Извор- Нова Македонија)