Расна правда. Попречување на правдата. Социјална правда. Министерство за правда. Речникот Мериам-Вебстер го избра зборот „правда“ за збор на 2018 година кој бил редовно присутен во вестите низ месеците.
Ова е третиот збор на годината кој го објавија трите популарни издавачи на речници, по зборот „токсичен“, кој беше избран од Оксфордскиот речник и „дезинформација“ за кој се одлучија од Dictionary.com.
Питер Соколовски, главниот уредник на Мериам-Вебстер, за Асошиејтед Прес изјавил дека „правда“ постојано котирала меѓу најпребаруваните 20 или 30 поими на интернет-страницата на компанијата низ целата година, со повремени пикови предизвикани од специфични настани.
Иако е еден од најчестите зборови кои луѓето го употребуваат и знаат да го напишат и изговорат, Соколовски посочил дека големиот интерес за зборот бил од други причини, како фокусирање на мислата околу филозофски проблем или потрага по мотивација.
Пребарувањата за зборот „правда“ оваа година пораснале за 74% во споредба со 2017 година.
„Ние не уредувавме ништо. Само ги погледнавме статистичките податоци и самите се изненадивме од овој збор. Зборот „правда“ е она на што луѓето мислеле цела оваа година“, изјавил Соколовски.
За некој збор да биде во конкуренција за збор на годината треба да има многу пребарувања и големо зголемување во прегледите во споредба со претходната година.
Изборот на зборот на годината доаѓа по затворската пресуда за адвокатот на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајкл Коен. Истовремено зборот на годината доаѓа и пред гласањето во Сенатот на реформата на кривично-правниот систем, а често во своите твитови, кога зборува за Министерството за правда, Трамп најчесто го користи само зборот „Правда“.
(RadioMOF.mk)