Додека многу автомобили се рекламираат како одлични за офроуд, Hyundai направи радикален нов чекор – претстави автомобил со „нозе“ кои можат да одат по секој терен по кој е тешко да се вози. Компанијата го претстави концепт-автомобилот Elevate на CES во Лас Вегас. На саемот за електроника тие ги претставија верзиите кои се користат како прва помош или наместо жолтите такси возила во Њујорк.
Дизајнот е комбинација од традиционални тркала и нозе кои се активираат кога има опасен терен. Автомобилот може дури да се качува по скали за да ги земе патниците од дома доколку се движа во инвалидска колична. Од Hyundai велат дека очекуваат првите клиенти да бидат амбулантите, пожарните и сл.
„Кога има цунами или земјотрес, возилата за спасување кои сега се користат можат да однесат помош само до работ каде што има насип, а остатокот мора да се оди пеш. Elevate може да вози до местото каде што има натрупано земјиште и потоа да оди преку рушевини. Оваа технологија нема да се користи само за итни случаи. Луѓето кои се хендикепирани ќе можат да влегуваат директно во автомобилот кој се искачил до пред врата. Можностите се неограничени“ велат од Hyundai.
Elevate има технологија која е комбинација од електрични автомобили и роботи, па може да поминува по терен без ограничувања, каде што не можат да се пробијат ни сега најнапредните офроуд возила. Elevate има модуларна платформа на која може да се менуваат различни „тела“ за специфични ситуации. Роботските нозе имаат пет степени на издолжување. Дизајнот е оспособен со движења типични и за цицачите и за влекачите, па може да се движи во секој правец. Нозете можат и да се соберат целосно за автомобилот да вози нормално по автопат со голема брзина.