Студиото за дизајн 52hours од Прага направи посебно дизајнирана клупа за доење која може да се користи на јавни површини и на мајките им нуди удобност и приватност. Клупата се вика Heer и е наменета да им овозможи мала оаза на мир на мајките и нивните бебиња каде што можат да се одморат, да ги нахранат бебињата или едноставно да се изолираат од брзиот свет околу нив и од љубопитните очи на минувачите.
Ивана Прајс и Филип Васиќ од 52hours сакале на жените кои дојат во јавност да им создадат место за удобност и дискреција. Производот ќе ги задоволи потребите на мајките и ќе ги предизвика честопати антагонистичките кутурни норми и правила, пишува Dezeen.
„Иако доењето во јавност е се повеќе прифатливо, поради различни кутуролошки, психолошки или други причини многу мајки уште се чувствуваат непријатно да го прават тоа. Од друга страна, ретки се местата специјално наменети за доење бебиња, не се добро уредени, не се изолирани и не се удобни. Како врв на се, испаѓа дека практично тие промовираат исклучување на мајките од останатиот свет околу нив“ велат дизајнерите.
Двојката ја дизајнираше долгата розова клупа со посебно седиште кое е заштитено од двете страни со преграда па мајките истовремено добиваат приватност и не се чувствуваат изолирани. Посебен дел е прикачен од другата страна на клупата каде што можат да седне кој сака. Седиштето може да се ротира и да се навалува до позиција која ќе им биде најудобна на мајките.
Засега клупата е само фунцкионален прототип направен од композитни материјали, а финалниот производ е во развој и ќе биде направен од материјали кои 100% можат да се рециклираат. Од 52hours се надеваат дека клупата ќе може да биде поставена на аеродроми, во шопинг центри, на автобуски и железнички постојки и на други урбани места.