Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) по одржаните состаноци со претседателството, регионалните комори и ресорните институции, испорача 7 приоритети од приватниот сектор за остварување на основните предуслови за да има реална основа 2019 да биде економска година
Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, на прес конференцијата ги појасни најважните реформи кои се потребни за стопанството како би оствариле раст во сите сектори:
1. Обезбедување на сигурност за приватниот сектор
Институциите потребно е да демонстрираат состојба на сигурност која е неопходна и за која приватниот сектор години наназад апелира, со цел исполнување на нивните основни обврски и отпочнување со инвестициите кои до сега беа одложувани. Ова значи дека Владата согласно потпишаниот Меморандум за формално воспоставување јавно приватен дијалог со стопанските комори, ќе покаже на дело дека приватниот сектор е нејзин партнер, а не само алатка за полнење на буџетот. Живот и работа од криза до криза и трошењето наместо креирање долгорочна стратегија за раст треба да се заборават во минатото.
2. Да се овозможи континуиран раст на националното стопанство
Унапредување на функционалните политики како и донесување добра законска регулатива е основата која институционално треба да се постави за континуиран економски раст. Економски неиздржано е во услови на стагнација на домашната економија да се отпочне со делумната реформа на даноците, попотребна е дерегулација и даночни олеснувања особено за малите компании и претприемачите. Годинава потребно е отпочнување со зголемен интензитет на инфраструктурни проекти, кои се од голема важност за сите стопански сектори, понатаму да се превземат значајни реформи за спречување на континуираната миграција, како и да се креира нова агенда за зголемување на надворешната трговија особено на извозот. Во нашата земја само 3500 компании или само 5% од вкупниот број активни трговски друштва во земјата се извозници.
3. Демонстрирање на проактивно лидерство
Институциите на системот треба ги предвидат и успешно да се справат со предизвиците со кои се соочуваме. Сите најави за кризи или потенцијални проблеми за кои приватниот сектор алармира потребно е навремено да бидат адресирани како би се превенирала непотребна ескалација на состојбите и корекции откако ќе биде нанесена неповратна штета на приватниот сектор и граѓаните. Минатата година имаше неколку битни реакции на приватниот сектор кои се пренесоа и годинава, а тоа е алармирање за состојбата во градежништвото, недостатокот на квалификуван кадар, борбата со сивата економија.
4.Да не се менуваат законите без активно учество на релевантните страни кои го застапуваат приватниот сектор
Нема оправданост во донесување на законите без консултација со стопанството, поточно со оние кои треба да го применуваат законското решение. Тоа води кон импровизирање кое е неприменливо во пракса и резултира понатаму со постојано ново менување на законите, што не може да се следи. Стопанствениците не можат да следат брзи промени, непрецизирани Закони, кои отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежности. Со наше учество во самото драфтирање на законите може да имаме функционална регулатива. Последниот случај со Законот за трговија на зелени пазари само ја потврдува оваа состојба на проблеми поради носење на Закони без вклучување на релевантните страни во нивното подготвување. Пазарџиите беа изненадени од новата обврска, која ескалираше во револт за на крај епилогот да биде одложување на примената на Законот.
5. Да се демонстрира јасна волја за напредок по однос на предизвиците во делот на владеење на правото и отсrтанување на сомнежите за коруптивно однесување
Услов за инвестиции е владеење на правото. Враќање на поткопаната доверба на инвеститорите може да се оствари со воспоставување на владеење на право, еднаквост пред законите и постојаност на функционалната регулатива без брзи измени. Не само што сериозни странски инвеститори по мапирањето на деловниот амбиент во земјата ги одбираат нашите непосредни соседи, туку и домашни компании ги разгледуваат истите можности.
За да се излезе од оваа состојба која го тангира стопанството и инвестициите, потребен е силен исчекор, ефикасност на институциите, кои треба да покажат дека се подготвени да се справат со предизвиците.
6. Да се интензивира борбата со нерегистрираните бизниси односно со сивата економија
Согласно извештаите на релевантните меѓународни финансиски организации сивата економија изнесува над 30% од севкупната економија во Република Македонија. Сузбивање на сивата економија ќе овозможи поволен деловен амбиент и рамноправен и фер третман на сите учесници на пазарот кои се вршители на дејност.
7. Да се минимизира поларизацијата во општеството предизвикана од континуираните политички превирања
Институциите ќе работат поефикасно доколку се посветат на минимизирање на поларизацијата и на постигнување на политички консензус со сите чинители.
Неопходно е во услови на кршлива економија да се зајакнат сите капацитети кои се во интерес на овозможување сигурен економски раст, а тоа значи минимизирање на дневно политичките несогласувања, изнаоѓање компромис за клучните прашања за националниот просперитет и посветување кон забрзан економски развој.
Заклучок од сите неопходни приоритети е дека доброто владеење е важно бидејќи дисфункција на системот ја исцрпува довербата го загрозува растот и ја нарушува можноста за напредок. Веруваме дека Владата и сите институции сакаат да и помогнат на земјата – дури и ако имаат различни идеи од стопанството за тоа како да го направат тоа, затоа само со редовна консултација со стопанството за плановите кои ќе се превземаат може да се постигне раст на приватниот сектор и на националната економија. Сојузот на стопански комори останува посветен на тоа да им помогне да го направат најдоброто на најефикасен и најефективен можен начин за постигнување на заедничките цели за просперитет на стопанството и граѓаните.