Учениците во Англија веќе учат математика, науки и историја, но стотици училишта во земјата се подготвуваат да го прошират наставниот план со нов предмет – внимателност. Во речиси 370 училишта учениците ќе почнат да практикуваат внимателност како дел од наставата за да го подобрат своето ментално здравје, велат од британската влада.
Тие ќе работат заедно со експерти за ментално здравје за да научат техники на релаксација, вежби за дишење и други методи кои ќе им помогнат да ги регулираат своите емоции.Целта на програмата е да се учи на начин кој ќе ги подготви младите за светот кој постојано се менува. Ова истражување на британската влада, кое ќе трае до 2021 година, е најголемо од овој тип во целиот свет.
„Како општество ние сме многу поподложни на менталните болести отколку порано, но модерниот свет создава уште поголеми притисоци за децата. Децата ќе почнат постепено да добиваат знаење за менталните болести, за здравјето и среќата уште од основно училиште“, велат одговорните.
Инцијативата следува неколку месеци откако беше направено истражување кое покажа дека едно од осум деца во Англија на возраст од 5 до 19 години страда од барем едно ментално пореметување. Истражувањето исто така покажа дека има пораст на бројот на ментални болести кај децата на возраст од 5 до 15 години. Пореметувањата како анксиозност и депресија, кои се најчести, се среќаваат кај едно од 12 деца и адолесценти.