Секоја година во светот се крадат корисничките податоци и лозинките на милиони луѓе. Во најголем дел од случаите доволно е само да се смени лозинката и така да се намали опасноста дека некој неовластено ќе влезе во тој сервис што го користите.
Но, луѓеточестопати се мрзеливи и користат иста лозинка и исто корисничко име за повеќе сервиси. Исто така, честопати не знаат дека нивните лозинки стигнале до некои хакери кои можат да ги злоупотребат или да го продадат на некој друг.
Така, дури и да ја сменат лозинката на едно место, забораваат дека треба да ја сменат и на сите останати места каде што ја користеле. Токму за да ги предупреди корисниците на пребарувачот Google Chrome за лозинки кои се компромитирани Google објави нов додаток за пребарувачот.
Password Checkup е додаток кој мирува во позадина додека корисниците суфраат на Интернет. Кога корисникот ќе пристапи до некоја страница и таму ќе ја внесе својата лозинка, Password Checkup ќе ја спореди со позната база со украдени лозинки. Ако лозинката ја нема во таа база, нема да реагира. А ако ја има, ќе го предупреди корисникот да ја смени.
Google за споредба користи база со повеќе од 4 милијарди кориснички имиња и лозинки, кои ги собрал со години во различни јавно објавени безбедносни пропусти. Со оглед на тоа дека просечниот корисник дневно користи по десетина и повеќе лозинки, а често ги рециклира, оваа алатка може да ја намали опасносѕа од хакерски напади.