Иако температурите се околу нулата, за нешто повеќе од еден месец ќе дојде време кога се околу нас цвета, а ние ќе уживаме во подолги денови и сонце. Со тоа ја најавуваме пролетта, а со оглед на тоа дека ќе пристигне многу брзо, Guardian даде предлог во кои пет европски градови би било најдобро да се отпатува.
Севилја
Летните температури во главнот град на Андалузија често надминуваат 40 степени Целзиусови, така што најубаво е овој град да се посети напролет, кога цветаат парковите, а во воздухот се чувствува мирисот на јасмин и портокали. На средината на март е Светата недела, голема прослава со која се дочекува Велигден, а тука е и Feria de Abril, годишна прослава преполна со паради, фламенго и забава до доцна во ноќта.
Градот е романтичен и има посебен шарм, а во него ќе пронајдете многу знаменитости – од катедрали кои се наоѓаат на листата на УНЕСКО до кралската палата Алказар. Секако, Севилја е и гастрономски рај, а речиси е невозможно да јадете лоши тапаси, кои можете да ги најдете на секој чекор.
Трст
Во Трст нема туристи, а штом дојде пролет, локацијата ја окупираат терасите на бројните кафулиња во потрага по совршено еспресо. Кога веќе сме кај кафето, да напоменеме дека најпознатиот бренд од Трст е токму овој црн пијалак, марката Illy, на кој жителите се особено горди. Ако ви е до културни богатства, на почетокот на 20. век во Трст живеел и познатиот Џејмс Џојс, за кого можете да дознаете во градскиот музеј.
Белград
Штом го снема снегот на главната улица во престолнината на Србија, исто како во Трст изникнуваат мноштво тераси. Секако, има и голем број ресторани, а Караѓорѓевата шницла или некој од другите национални специјалитети можете да ги пробате на Скадарлија или во популарниот урбан кварт Савамала.
Особено добро ќе се чувствувате на Калемегдан, паркот и тврдина кој се наоѓа на сливот на Дунав и Сава. Тука е и речниот остров Ада Циганлија, идеално место за одмор, а одамна е познато дека Белград е одличен град за забава, па напролет ве чекаат и бројни фестивали.
Монпелје
Кога зборуваме за Франција, ретко кому му текнува на Монпелје и препорачува да се посети. Станува збор за град на југот на земјата, кој е и студентски центар (повеќе од 60.000 студенти), па јасно е дека понудата е најдобра во делот за младите.
Но, тоа не значи дека нема да уживате во обиколката на средновековниот дел од градот, а сите кои сакаат да истражуваат туѓи култури, треба да го посетат музејот Фабр, кој е еден од најголемите во Франција. Тука е и најстарата ботаничка градина во земјата, а нема да ве разочара ни гастро понудата.
Берлин
По долгата и ладна зима, животот повторно се враќа на улиците на Берлин. Оваа година градот ќе прослави две големи годишнини – 100 години од отворањето на школата Баухаус, но и 30 години од падот на Берлинскиот ѕид.
Бидејќи градот е огромен, најлесно е да се шетате подземно, иако можете да користите ист превоз како и голем дел од жителите на Берлин, а тоа е велосипедот. Нема да згрешите ако ја посетите Германија и на -10 и на +30, а најмалку ако ја посетите напролет.