На 28 февруари 2019, Штаермеркише Банк унд Шпаркасен АГ Грац потпиша договор за купопродажба на акции со Сосиете Женерал со цел да се стекнат со сите акции во сопственост на Сосиете Женерал во Охридска Банка Сосиете Женерал (ОБСЖ) во Република Северна Македонија, кои претставуваат околу 74,53% од уделот во капиталот на ОБСЖ. Со оваа трансакција Штаермеркише Шпаркасе ќе може значително да ја зајакне постојната пазарна позиција во Република Северна Македонија.
Процесот на купување на банката ќе се спроведе во контекст на задолжителна тендерска понуда која ги опфаќа сите акции издадени од ОБСЖ, вклучувајќи ги и акциите што ги поседуваат преостанатите малцински акционери, а чие што отпочнување е предмет на одобрување од Европската централна банка, како и Народната Банка на Република Северна Македонија, институциите надлежни за пазарот на капитал и институциите за заштита на конкурентноста.
„Регионот на Западен Балкан и понатаму ни нуди атрактивен потенцијал за раст. По темелно анализирање на Охридска Банка Сосиете Женерал, една од водечките банки во Република Северна Македонија кои се активни интернационално, заклучивме дека оваа банка ќе одговара на бизнис моделот на Штаермеркише Шпаркасе поради нејзината големина и стратешката ориентација. Како регионална банка што работи во повеќе земји, ние сме јасно фокусирани на проширување на нашата пазарна позиција во Штаерска и регионот на Западен Балкан. Затоа сум исклучително задоволен што можеме речиси тројно да го зголемиме нашето присуство во Република Северна Македонија со ваква соодветна аквизиција и да се развиеме како референтна банкарска групација во земјата“, вели Герхард Фабиш, главен извршен директор на Штаермеркише Шпаркасе.
ОБСЖ во моментот има вкупна актива во износ од околу 650 милиони евра и повеќе од 400 вработени. Нејзиниот бизнис фокус е насочен кон населението и корпоративното банкарство. Штаермеркише Шпаркасе е застапена во Република Северна Македонија од 2008 година преку својата локална банка, Шпаркасе Банка Македонија, со сегашна вкупна актива од 350 милиони евра. По преземањето на ОБСЖ, Штаермеркише Шпаркасе ќе располага со вкупна актива од околу една милијарда евра во Република Северна Македонија, со што ќе стане четврта по големина банкарска групација со пазарен удел од околу 12 до 14%, во зависност од сегментот. Оваа инвестиција претставува значителен потенцијал, особено ако политиката и економијата на Република Северна Македонија продолжат и понатаму позитивно да се развиваат за време на нејзиното пристапување кон ЕУ.