Глобалниот пазар за паметни телефони се зголеми за 5% во 2018 година, достигнувајќи вкупен промет од 522 милијарди долари со што го потврди својот статус како еден од најважните уреди во сегментот на технички производи за широка потрошувачка.
Сепак, побарувачката за паметни телефони минатата година падна, па во 2018 година, се продадени 1,44 милијарди уреди, што е за 3% помалку отколку во 2017 година, според истражувањето на агенцијата GfK.
За 2019 година оваа истражувачка агенција очекува и помал пораст на пазарот од околу 1%, бидејќи податоците за четвртиот квартал на 2018 година покажуваат сличен тренд, со околу 375 милиони паметни телефони продадени во светот, со вкупна вредност од 144 милијарди долари, што е пад од 7% во споредба со истиот период во 2017 година.
Според истражувањата на GFK, околу 12% од продадените паметни телефони минатата година имале цена повисока од 800 долари (7% повеќе од 2017 година). Сегментот на уреди со средна цена од 150-400 долари и минатата година беше бојно поле на многу конкуренти, па во овој сегмент се продале 46% од сите паметни телефони продадени на глобално ниво (пораст од 2% во однос на 2017 година).
Она што го попречува и го забавува растот на пазарот на паметни телефони е недостатокот на вистински значајни иновации, со што се продолжува животниот век на телефоните кои се моментално на располагање, бидејќи корисниците не гледаат придобивките од замена за понови модели.
Истражувањето на GFK покажа и дека навиките и желбите на потрошувачите се менуваат, па така просечниот потрошувач се почесто преферира помал број, но поквалитетни производи, за кои е подготвен да плати повисока цена. Од друга страна, денес, искуствата се сметаат за поважни од самото поседување на добра, па иновациите како што се поголема меморија, поголем екран или подобра камери веќе не се доволни за освојување на потрошувачите.
Marketing365.mk