Граѓаните ќе може да вадат електронскии документи, со подеднаква важност како хартиените

- Advertisement -

„Добивањето услуги од јавниот сектор беше синоним за губење време, нервози и различни податоци од различни институции, со дигитализацијата го правиме овој процес поедноставен, побрз, побезбеден и поевтин“, изјави Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, кој ги презентираше новите Закони, усвоени од Владата, преку кои граѓаните ќе можат да обезбедат електронски документи, кои ќе бидат еднакво валидни со документите на хартија.

Основата на овој процес е новиот Закон за централен регистар на население, со кој се предвидува воспоставување Регистар на население како единствена и ажурирана база на податоци за граѓаните, добиени од МВР, Управата за водење матични книги и Централниот регистар.

- Advertisement -

Владата го усвои и Законот за електронско управување и електронски услуги како и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

- Advertisement -

„Секој граѓанин ќе може да добива електронски, законски валидни документи, од својот дом, или секаде каде што ќе се наоѓа. Документите ќе бидат доставени на мејл, и ќе бидат со еднаква вредност и важност како документите добиени на шалтер и во хартија. Резултатот е елиминирање на бирократските чекори, шетање по шалтери и чекање во редици за добивање документи. До услугите ќе не делат само неколку кликови“, рече Манчевски.

Министерот информираше дека услугите ќе се добиваат преку Национален портал за електронски услуги, кој ќе се надградува со зголемување на бројот на услуги кои ќе се дигитализираат. Вработените во „Салата за јавни услуги“, како и вработените во останатите канцеларии „Една точка за услуги“, кои ќе се отвораат во државава, ќе бидат обучени да им даваат инструкции на граѓаните како да добиваат услуги по електронски пат.

- Advertisement -

„Граѓаните ќе треба да се регистрираат на системот за да можат да ја активираат електронската идентификација. Тоа ќе можат да го направат на два начини: физички, на некој од овластените шалтери на територија на целата држава, или електронски, со набавување на токен. Граѓаните тоа ќе можат да го направат сами, без воопшто да треба физички да посетат било која од институциите“, додаде Манчевски.

По донесување на Законот во македонското Собрание, Националниот портал и Регистарот ќе бидат воспоставени во рок од 3 месеци. Цената на електронските услуги ќе ги одредува секоја институција одделно, преку ревидирање на ценовниците. Министерот посочи дека со законите се гарантира целосна доверливост и заштита на личните податоци.

Сподели!
- Advertisement -