Со инвестиција од 5.000 евра за еден хектар малини, од првата берба може да се заработат 14.000 евра!

- Advertisement -

Дали знаете дека во Македонија се одгледуваат најблагите малини во Европа? Дали знаете дека тие што ја пробале малината од Полог повторно ја бараат? Дали знаете колку може да се заработи со одгледување малини на само еден хектар земјиште? Овие прашања за „Иновативност“ ги одговори Синиша Стефановски, сопственик на „LK Raspberry” од Тетово која во село Јанчиште има плантажи со малини и ладилник за нивно брзо смрзнување. “Потенцијалот за одгледување малини во Македонија е голем, а заработката која може да се оствари доволно голема мотивација да сопре иселувањето на младите од земјава“, вели Стефановски кој ни ја раскажа целата приказна за одгледување малини

 

Автор – Верица Јорданова
На плантажата на Синиша Стефановски во село Јанчиште во Полог неделава во полн ек се земјоделските работи. Трите хектари земјиште посадени со малини се заоруваат пред стартот на пролетните земјоделски активности. Синиша со задоволство ни ги покажува своите насади, од кои во јуни очекува да набере 50 тони малини. Освен овие 50 тони кои ќе влезат во ладилникот за шок замрзнување кој е лоциран веднаш до плантажите, „LK Raspberry” ќе прими уште најмалку 100 тони малини од своите кооперанти.

- Advertisement -

Како резултат на зголемениот број кооперанти и новопосадени површини со малини, веќе следната година овие количини ќе пораснат на 250 тони. „LK Raspberry” мината година имаше девет кооперанти, годинава 17, а следната година 24 кооперанти кои ќе берат малини од насадите кои биле засадени минатата есен.

„Со нашите кооперантите функционираме како земјоделска задруга. Цената на откуп на малините е транспарентна за сите и најчесто се врши по берзанска цена. Лани берзанската цена на малините изнесуваше од 60-80 евроценти за килограм. Поради високиот квалитет ние постигнавме подобра извозна цена и затоа кооперантите добија 90 евроценти за килограм. Сакаме кооперантите секогаш да се задоволни. Мојата крајна цел е преку овој бизнис модел да ги задржиме младите во овој регион. Одгледувањето малини е одличен извор на финансии“, објаснува Стефановски.

- Advertisement -


Колку може да се заработи од производство на малини?

- Advertisement -

За еден хектар (10.000 квадратни метри) насад со малина, почетната инвестиција до пред една година изнесуваше околу 1,80 евра за еден квадратен метар. Сега таа инвестиција падна на само едно еврo затоа што потпишавме меморандум за соработка со Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, кој го донира системот капка по капка, а ние како производител на садниците драстично ја намаливме цената на садниците. Со тоа на кооперантите им ја олеснивме почетната инвестиција. Станува збор за инвестиција од околу 10.000 евра за еден хектар која всушност е двојно помала затоа што може да се искористи државна субвенција за подигнување нови овошни насади која е 50% од инвестицијата. Toa значи дека реалното вложување чини 5.000 евра. Од првата берба која е година и половина од садењето на малините, ако се одгледува како што треба, ќе има род од околу 20 тони. Тие 20.000 килограми ако се продадат по цена од едно евро, колку што беше ланската цена, изнесува 20.000 евра. Од оваа сума околу 6.000 евра се за берачите, а останатите 14.000 евра се чиста заработка затоа што државата го субвенционира и одржување на самите насади. Она што е многу важнo е дека кооперантите кои имаат договор so „LK Raspberry” имаат загарантиран откуп на родот.

„Во целиот процес на садење, одгледување и берба, кооперантите имаат комплетна поддршка од нас. Ние ги информираме кога треба да се прска, кога да се плеви, да се врзува и кои препарати и колку треба да стават. Од оваа година новина е што кооперантите мора да имаат и докази дека ги купиле препаратите затоа што ако при извоз се докаже дека користеле препарати кои не се дозволени на европски пазар, го загрозуваат целиот извоз“, објаснува Стефановски.

Малините се замрзнуваат, односно се шокираат во ладилник на температура од мунус 37 целзиусови степени. Од берба на малините, кои најпрвин малку се разладуваат, до смрзнување не поминуваат повеќе од шест часа! На тој начин малините ги задржуваат сите свои хранливи својства.

 

Македонските малини со поголема шеќерност од српските и босанските!

Пласманот на полошката малина на домашниот малопродажен пазар оди преку два ланци на супермаркети, а најголем дел е за извоз  во Германија.

Синиша Стефановски, сопственик на „LK Raspberry“

„Партнерот на „LK Raspberry” од Германија веќе на почетокот на годината ни се јави и ни порача да не бараме друг пласман. Тој е спремен да ги откупи сите количини кои ќе ги произведеме годинава затоа што е презадоволен од квалитетот. Шеќерните вредности на малините во Босна и Србија се максимум 11, а нашата малина има 15 брикси. За појаснување, еден брикс претставува 1 грам сахароза во 100 грама шеќерен раствор. Македонската малина е поблага, поцврста и покрупна. Веројатно поднебјето, сонцето, доволната количина на вода и целокупниот склоп на природни фактори ја прават македонската малина квалитетна. Високиот квалитет на вкусната македонска малина го препознаа и домашните потрошувачи, па во маркетите каде што се продава нашата малина нејзината продажба порасната за 3000%“, вели Стефановски.

 

Ширење надвор од Полог

Синиша веќе ги прави првите чекори за ширење надвор од Полошкиот регион. Во Македонски брод има кооперант кои годинава првпат ќе берат малини. Станува збор за наш иселеник во Франција, кој освен што подигна насади во малина во овој регион, планира да инвестира и во ладилник.

Другиот соработник е компанијата “Рудине“ во Делчево која има ладилник и сопствено прозводство на вишни и сливи, а во соработка со Синиша го прошируваат асортиманот и со малини.

„Препорачливо  е да има откупен центар и ладилник во радиус од 30-тина километри од самите плантажи, како овде во Полог“, вели Стефановски.

Побарувачката на малини е голема, поради што потенцијалот за развој на овој бизнис е задоволителен. Стефановски вели дека пласманот на малини е тежок затоа што ова овошје традиционално не се врзува за Македонија, но добриот квалитет е нашиот адут. Стефановски во моментов разговара и за извоз во Турција и Канада.

Што е следна фаза во развојот на „LK Raspberry”?

„Моменталниот капацитет ни е 200 тони, а сега го прошируваме за околу 100 тони со поставување дополнителни рафтови во ладилникот. До 2021 година ќе имаме капацитет за смрзнување на 300 тони малина, по што ако има потреба ќе правиме дополнителни инвестиции“, вели Стефановски.

Преработка на малината исто така е идна фаза од развојот на оваа компанија. Џем, слатко и сокови од малина се веќе истестирани, но во моментов, поради ограничените човечки и технолошки капацитети, преработката ќе остане за следна фаза.

Најголем проблем, вели Синиша, е да се обезбедат берачи. Нему му требааат 50-60 берачи во период од еден месец и најчесто е проблем да се најдат. Поради тоа преку ИПАРД програмата, во тек е набавка на машина за берење на малини со што драстично ќе го намали бројот на берачи. Ние со Сониша се разделивме со ветување дека следната посета ќе биде во јуни, во екот на бербата на превкусната полошка малина.

„LK Raspberry“ е една од повеќе водечки фирми во Македонија кои во партнерство со Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем инвестираат во развојот на локалната економија. Преку поддршка за развој на локалните вредносни ланци и работна сила, УСАИД сака да ја зајакне самоодржливоста на економијата во земјата.

Сподели!
- Advertisement -