Европската банка за обнова и развој додели 30 милиони евра како нова кредитна линија преку македонските комерцијални банки која ќе им биде на располагање на малите и средните претпријатија за поволни кредити, грантови и техничка поддршка. Целта е да се подобри конкурентноста, а исто така покрај ЕБОР има поддршка и од ЕУ – националниот инструмент за претпристапна помош. Средствата ќе бидат проследени со пакет-техничка помош и стимулативни грантови во износ од 4,5 милиони евра.
МСП ќе може да ги користат фондовите за подобрување на своите производни капацитети и да ги зајакнат процесите и квалитетот на производите преку воведување ЕУ-стандарди за заштита на човековата околина, безбедно производство, квалитет и слично.
Малите бизниси се основа на националната економија и тие вработуваат 80 проценти од работоспособното население. И покрај нивното економско значење, малите бизниси продолжуваат да се соочуваат со пречките во својот развој, честопати со тешок пристап до финансирање и советодавни услуги.
„Ни претставува задоволство што Програмата за поддршка на конкурентност на МСП е достапна за МСП во Северна Македонија. Подобриот пристап до финансирање и советодавни услуги ќе им овозможи на бизнисите да го подобрат своето работење и конкурентност“, изјави Анка Јоана Јонеску, претставник на ЕБОР во земјата.
Јанмат Фрик, раководител на проекти од ЕУ за Северна Македонија, изјави: „Потребно е да има диверзификација на пристапот до финансии преку комбинација на традиционално банкарско кредитирање, стимул и трансфер на советодавни услуги за да се дојде до целосниот претприемачки потенцијал на земјата. Крајниот резултат ќе донесе поконкурентни МСП со поголем број вработувања и поголеми можности за раст на бизнисите“.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека преку овој проект значително се подобрува пристапот до финансиски средства за малите и средните претпријатија и се овозможуваат нови средства за развој и нови инвестиции на компаниите.
„На располагање се 30 милиони евра и 4,5 милиони евра грант, што претставува атрактивна финансиска инјекција, моделирана за потребите на МСП – приближно 15 проценти грант за секој кредит. Ова е фактички директната помош, како и придобивката од интеграциите во ЕУ и НАТО“, рече Анѓушев.
До денес ЕБОР има инвестирано над 1,87 милијарда евра во 117 проекти во Република Северна Македонија фокусирајќи се на поддршката на интеграцијата на земјата во регионалните и глобалните пазари преку инвестиции и придружни активности на Банката, особено интензивирајќи ја соработката со клучните партнери – Европската Унија и Европската инвестициска банка.