Тимот „Vibe – Rent-a-Scooter“, во состав Ана Марија Митева, Петар Танески, Горjана Мицевска, Анастасија Андова и Теодора Домазетовиќ, од 5 средни училишта од Скопје, Кочани, Куманово, Крива Паланка и Штип, го освои првото место на Кампот на иновации – натпревар на средношколци во претприемачки вештини, кој се одржа вчера во Делчево во организација на Џуниор Ачивмент Македонија во соработка со општината.
Понуденото решение е производ и услуга за изнајмување на скутер кој работи и на сончева енергија, а кој ќе е решение на сообраќајниот метеж. Дополнително треба да придонесе и за решавање на проблемите со загадувањето на воздухот, а како еколошки производ придонесува за зачувување на животната средина.
На натпреварот учествувале 100 ученици од 21 среднo училиштe од територијата на целата држава поделени во 20 тима од по 5 ученици, каде со помош на 12 ментори работеа интензивно на поставениот предизвик.
Во рамки на програмата, како една од главните цели, Џуниор Ачивмент Македонија ги поддржува младите луѓе во стекнување практично искуство за водење бизнис и развивање на нови вештини како што се тимска работа, лидерство, презентирање, планирање и финансиско работење.
Натпреварот е поддржан од Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, а го реализира организацијата Џуниор Ачивмент Македонија – член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide, која е основана во 1919 година.
Средношколците можеа да вежбат техники кои се применливи во решавање на проблеми и носење брзи одлуки, да стекнат корисни вештини за тимска работа и да ја победат тремата од презентација, како и да се забавуваат и дружат надвор од својата училница.