Со години наназад целиот концепт на родителството се базира на идејата за овозможување подобар живот и постојано трчакрење околу децата за да се осигураме дека имаат се што им е потребно, па дури и повеќе од тоа. Секако, тоа додека се мали им помага да станат независни, но како што растат децата родителите и понатаму се во искушение постојано да им бидат при рака и на кој било начин да им го олеснат секојдневниот живот.
Новите неодамнешни истражувања сугерираат дека за што поздраво растење пожелно е родителите само оддалеку да го гледаат созревањето и растењето на своите деца и да им помагаат само кога ќе им биде потребно. Наместо тоа, и понатаму постојат т.н. „родители косачи“ кои се обидуваат да ги решат сите идни судири на нивните деца, им го градат патот за што полесно да најдат работа и едноставно „косат“ се пред нив. Тие прават се што е во нивна моќ за растењето на нивните деца да биде што полесно и без големи препреки.
Но, таквиот начин на родителство е лоша идеја. Битно е децата да научат каков е светот навистина и како реално функционира и дека нема секогаш се да биде онака како што си замислиле. Кога ќе пронајдат работа, мора да бидат свесни дека шефовите нема секогаш да имаат разбирање и ќе мора многу да се трудат за да постигнат нешто. Потребно е да се научат да се справуваат со неуспехот и да знаат да решаваат судири.
Имено, кога на своите деца им ги отстранувате сите пречки кои ќе им се најдат на патот, не им правите услуга затоа што така нема да научат да се справуваат со проблемите во реалниот живот, нема да научат како да истраат кога нема да им успее нешто, ниту пак како да ги совладуваат предизвиците со кои ќе се сретнат на работното место.
Ако правите се за своите деца и наместо нив, дефинитивно, тоа не е знак за љубов и грижа туку е знак дека не верувате дека навистина растат, созреваат и стануваат свои луѓе. Затоа, навреме променете го својот начин на одгледување на децата бидејќи така ќе им направите услуга и ќе ги подготвите за реалниот свет.