5 милиони евра наменети за поддршка за технолошки развој и внесување на иновации на микро, малите и средни претријатија

- Advertisement -

Вториот повик од Планот за економски раст на Владата (ПЕР), наменет за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации е можност за домашните компаниите да добијат поддршка од државата за развој на своите бизниси со цел да станат поконкурентни на домашниот и странските пазари, нагласи д-р Кочо Анѓушев, заменик претседател на владата на РСМ, задолжен за економски прашања, пред претставниците на стопанските комори и партнерски организации.

„Овие средства во висина од 5 милиони евра, се наменети за поддршка за технолошки развој и внесување на иновации на микро, малите и средни претријатија, да ја обноват технологијата, купат нови машини, да ја подобрат продуктивноста и бидат поконкурентни на пазарите. Со еден збор оваа мерка е за подигнување на конкурентноста на малите и средни компании, за да можат да соработуваат со други компании од земјата и надвор од неа, односно да бидат извозно ориентирани“, истакна Вицепремиерот.

- Advertisement -

Овие мерки, кои се дел од Планот за економски раст, од оваа година се поддржани и од Светска Банка, односно, програмата е усогласена од двете страни со цел да се обединат средствата и од државниот буџет и од странски организации кои го поддржуваат бизнисот.

„За потребите на инвестициите на средните компании се обезбедуваат грантови во висина до 60% од вкупниот износ на проектите, додека за микро и малите компании, се обезбедуват поголема поддршка во вредност до 70%, со цел да ја истакнеме значајноста на малите компании. Максималната вредност на грантовите може да достигне до 20 милиони денари или 350 илјади евра“, рече Анѓушев.

- Advertisement -

„Минатата година поддржани се проекти во вкупна вредност од над 28,3 милиони евра, од кои околу 57%, или 16,1 милиони евра се грант од страна на државата, додека компаниите учествуваат со 12,2 милиони евра. Исплатата на финансиската поддршка е поврзана со динамиката на реализација на инвестицијата од страна на компаниите и се врши на квартална основа, по претходно извршена ревизија од овластена ревизорска куќа, избрана на јавен повик“, нагласи Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски кој ги презентираше условите и начинот на аплицирање, истакна дека со овој повик Светската банка станува партнер на Владата во реализација на Планот за економски раст, во делот на комерцијализација на иновациите.

- Advertisement -

„Новитет е тоа што овој повик е резултат на спојување на двата постоечки инструменти за финансирање на иновации, финансирани од Светска Банка и од Владата. Она што особено не радува е дека една реномирана финансиска институција како Светската банка ги прифати условите од владиниот План за економски раст што резултираше во овој заеднички инструмент,“ нагласи Деспотовски.

Покрај тоа што повикот е наменет за микро, мали и средни претпријатија, сега тој е отворен и за приватни здравствени установи (ПЗУ) со доминантна домашна сопственост кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес.

Според Деспотовски воведувањето на можноста за апликации од ПЗУ произлезе од интересот кој здравствените организации го изразија минатата година.

„Направивме одредени измени во правилниците за да им излеземе во пресрет на овој сегмент од економијата, бидејќи медицината е едно од главните полињата каде што глобално се развиваат иновации“, рече Деспотовски.

Директорот на ФИТР најави и нов механизам за учество на Фондот во успехот на инвестициите што се ко-финансираат. Имено, со завршување на проектите и почетокот на остварување на приходи од иновациите што се поддржуваат, компаниите апликанти ќе уплаќаат по 5% од годишниот приход на сметката на Фондот. Ова ќе трае во период од 5 години, со ограничување дека вкупниот износ на вака уплатени средства кон Фондот не смее да надмине 120% од поддршката на Фондот во инвестицијата.

Овој модел е поставен во инструментите кои ги финасираме со средства од Светска банка. Тој е тестиран и успешно функционира што се потврдува со фактот дека 20 компании поддржани во изминатите години, а кои веќе остваруваат приходи, уплаќаат средства во Фондот. Целта е Фондот, како партнер на компаниите во инвестицискиот циклус, да биде партнер и во резултатите односно успехот на инвестицијата“, рече Деспотовски.

Претставниците на компаниите Докстим и Виталија, кои се добитници на грантови во рамките на првиот повик од Планот за економски раст, ги споделија своите искуства за процесот на апликацирање и досегашната реализација на проектите. Според нив можноста за кофинансирање од ФИТР и Владата им помага на компаниите во забрзување на реализација на нивните постоечки проекти и придонесуваат кон зголемена додадена вредност, односно нивните производи и услуги да станат поконкурени на домашните и странските пазари.

Вкупен износ на средства на вториот јавен повик во рамките на ПЕР, е 5 милиони ЕУР од кои 2 милиони обезбедува Светската банка.

Средствата ќе се исплаќаат на квартална основа, согласно динамиката на реализација на проектниот план, по претходна уплата на сопственото учество на компанијата и извршен мониторинг на реализација на активностите од страна на Фондот.

Во периодот на аплицирање ФИТР на домашните компании ќе продолжи да им обезбедива користење на бесплатна советодавна поддршка и техничка помош, а за прв пат оваа поддршка ќе се нуди и децентрализирано, во Тетово, Струмица и Битола, во соработка со локални и регионални партнерски организации.

Дополнително, со цел информирање за деталите од повикот, условите и можностите за аплицирање, Фондот ќе реализира и повеќе информативни сесии во соработка со стопанските комори и други организации.

Евалуацијата на пристигнатите инвестициски предлози ќе се врши во две фази: првата фаза на претселекција ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Во втора фаза, проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, кој ја носи конечната одлука за финансирање. Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Повикот е отворен до 15 мај 2019 година. Сите информации поврзани со повикот, апликацискиот формулар, како и правилниците и формуларите за оценување се објавени на следниот линк: www.fitr.mk/inovacii.

Сподели!
- Advertisement -