Поголема функционалност, поврзаност и подобра животна средина преку користење нови технологии е главниот фокус на технолошкиот форум „Скопје смарт сити – паметен, поврзан и чист град“, во организација на Ротари клубот Скопје – Инетрнационал , што ќе се одржи денес, со почеток во 18.00 часот, во хотел ТЦЦ Гранд Плаза – Скопје.
Во рамките на форумот ќе се презентираат новите можности за користење на сензори преку кои ќе се овозможи размена на податоци помеѓу бизнисот, граѓаните, институциите и универзитетите, со цел полесно управување на ресурсите и подигнување на квалитетот на живот во Скопје.
Главна цел на коференцијата е и презентирање на платформата „The Things Network” која е лесно достапна и ефтина и ќе овозможи размена на податоци и создавање на нови паметни апликации во градот Скопје.
„Новите технологии и научни достигнувања се значајни само доколку дадат конкретен бенефит во секојдневниот живот на луѓето и додадат нова дополнителна вредност. Нашата цел е да дадеме придонес и да потикнеме дискусија со која ќе отвориме нови можности за искористување на новите технологии и осовременување на секојдневниот живот, следејќи ги навиките на модерниот човек“, истакна Владимир Крстиќ, претседател на Ротари клубот Скопје – Инетрнационал.
На конференцијата ќе зборуваат д-р Игор Мишовски, вонреден професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје, чие излагање ќе биде на тема „Поврзано и паметно Скопје – спрега помеѓу стартапите, бизнис секторот, универзитетите, владата и граѓаните“.
„Паметни градови – предизвици и можности“ е темата на која ќе зборува д-р Мирослав Котевски, сопственик на компанијата М2К ИЦТ & консалтинг и професор на Балканскиот универзитет во Скопје, Факултет за инжењерство.
Ротари клубот Скопје – Инетрнационал преку своите активности се залага за креирање на нови можности за млади, талентирани кадри. Во насока на оваа определба, на Технолошкиот форум ќе зборуваат и Кирил Зелениковски и Филип Каранфиловски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжењерство, кои во текот на студиите покажуваат извонредни резултати и се вклучени во различни проекти. Каранфиловски и Зелениковски ќе зборуваат на една од најважните теми во урбаното живеење „Мрежа за управување на отпад со користење на Riemann Garbage Bin“.