Многу компании, вклучувајќи ја и Американската вселенска агенција (НАСА) се обидуваат да развијат летачки автомобили со надеж дека ќе го направат возилото од иднината, што може да биде дел од решението на проблемот со климатските промени.
Тоа се вели во најновото истражување на научници од Центарот за одржливи системи на Универзитетот Мичиген и претставници на Ford Motor Company, објавено во списанието Nature Communication. Тие го споредиле користењето на енергијата кај електричните верзии на летачките автомобили познати како авиони кои можат да полетуваат и да следуваат вертикално, односно ги споредиле со традиционалните електрични и летачки автомобили.
Истражувањето го анализирало и влијанието кое го имаат летачките автомобили врз штедењето на време и вкупната потрошувачка на енергија. Според истражувањето, заедно со пилот и тројца патници летачките автомобили би имале околу 52% помала емисија на штетни гасови во однос на традиционалните автомобили и би проиозведувале 6% помалку стакленички гасови од обичните електрични автомобили на растојанија подолги од 100 км.
Истражувачите користеле јавно достапни информации од компании кои направиле прототипови на летачки автомобили за да пресметаат колку енергија ќе трошат и колку стакленички гасови ќе произведат. Летачките автомобили не мора нужно да бидат поодржливи на кратки патувања во споредба со електричните возила, но би биле добра одржлива алтернатива за подолги патувања.