Ана Чоловиќ Лешоска од невладината организација „Еко- свест“ е добитничка на престижната награда за животна средина „Голдман“. Оваа награда се доделува секоја година на заслужни херои од областа на животната средина од сите шест населени континенти во светот. Годинава, наградата ја добија и активисти од Чиле, Либерија, Монголија, Куковите Острови и САД.

Чоловиќ – Лешоска седум години ја водеше кампањата за стопирање на  меѓународното финансирање за две големи хидроцентрали планирани да се градат во најстариот и најголем национален парк на Северна Македонија – Маврово – и со тоа го заштити живеалиштето на речиси исчезнатиот Балкански рис. Во 2015 година, Светската банка ги повлече финансиските средства за еден од хидроенергетските проекти, а во 2017 година Европската банка за обнова и развој го откажа својот заем за Владата на Северна Македонија и за втората хидроцентрала.

- Advertisement -

 

Чоловиќ – Лешоска дознава за проектите во летото 2010 година и веднаш започнува да соработува со други граѓански организации и активисти за животна средина во кампањата што ќе биде позната како „Спаси го Маврово“.

- Advertisement -

Во ноември 2011 година, Чоловиќ – Лешоска поднесува жалба до ЕБРД, со обвинение дека банката прекршила четири од нејзините основни политики – што вклучува и пропуст за соодветна проценка на биодиверзитетот на областа – пред да се одобри финансирањето на Бошков Мост. Во Ноември 2011 година, таа патува во Лондон на состанок на бордот на директори на ЕБРД и на секој член од бордот му ја покажува монетата со сликата на рисот. На годишниот состанок на ЕБРД, таа и нејзините колеги од  Bankwatch исто така делат плишани животни во форма на рис со ознаки „Прегрни ме, јас сум загрозен“ и „Не го проколнувајте рисот“.

- Advertisement -

Во меѓувреме, Чоловиќ – Лешоска продолжува со активизмот и ги поттикнува амбасадорите на земјите коишто имаат претставници во бордот на ЕБРД да го отфрлат финансирањето на проектите за хидроцентрали. Таа помага да се организираат јавни протести и да започне петиција со која се бара од Владата на Северна Македонија, од ЕБРД, и од Светска банка да ги прекинат проектите; со петицијата се собрани близу 100 000 потписи. Во седмиот месец од нејзината бременост, Чоловиќ – Лешоска оди од врата до врата во селата близу Маврово и ги информира мештаните за влијанието на проектите.

За да го подигне прашањето на меѓународно ниво, во 2013, Чоловиќ – Лешоска поднесува жалба до Бернската конвенција за заштита на европските диви животни и природни живеалишта. Во декември 2015 година, Бернската конвенција тврди дека проектите „може да имаат одлучувачки негативно влијание на рисот и такви какви што се планирани треба да се прекинат“. Исто така им дава упатства на ЕБРД и Светска Банка да го „прекинат финансирањето на проектите за брани во паркот и на Владата на Северна Македонија да ги прекине сите планирани хидроцентрали во Националниот парк Маврово“.

Во декември 2015 година, Светска банка го повлекува финансирањето за Луково Поле. Во мај 2016 година, судот во Северна Македонија ја прифати жалбата против проектот на Бошков Мост и ја поништи неговата дозвола за животна средина. Со зголемување на притисокот, во јануари 2017 година ЕБРД го откажа својот заем за проектот на Бошков Мост. Ако земјата одлучи да ги рестартира проектите, тоа ќе биде директно кршење на Бернската конвенција и со тоа може да ги ризикува шансите за членство во ЕУ.

Ана Чоловиќ Лешоска е извршна директорка во Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест од Скопје, по професија е биолог и повеќе од 20 години од својот живот активно работи на подигнување на јавната свест за прашања поврзани со животната средина.

Според неа, изминативе години земјата безобѕирно ги троши ресурсите со кои располага, се уништуваат скапоцени природни предели со ретки и ендемски видови и се загрозуваат цели екосистеми.

„Во услови кога климатските промени ја загрозуваат безбедноста на нашата храна, нашите домови и нашето здравје, ние стануваме зависни од екосистемските услуги кои ни ги обезбедува природата- за вода, за чист воздух, за храна. Потребно е да обезбедиме повеќе зони за заштита на природа каде нема да биде дозволена изградба на било какви инфраструктурни проекти. Искрено верувам дека можеме да се развиваме и поинаку со внимателно планирање кое ќе ги вклучи сите засегнати страни“, вели Чоловиќ Лешоска.

Ова е прва Голдманова награда за животна средина за земјата.

Со неа им се оддава почит за достигнувањата и лидерството на грасрут активисти за животна средина од целиот свет. Оваа година се одбележува 30 годишнината од наградата, којашто се доделува од 1989 година во Сан Франциско од страна на филантропите и граѓански лидери Рода и Ричард Голдман. До денес, наградата е доделена на 194 добитници од 89 различни нации и со тоа успеа да ја подигне свеста за многу критични прашања со кои се соочува Планетата.