Европскиот суд пресуди против Хрватска затоа што не ги исполнила обврските од европската Директива за отпад, меѓу која е и да се осигура здравјето на луѓето и околината, поради „црното брдо“ во близина на Задар, каде се наоѓаат 140.000 тони отпад од поранешната Фабрика за електроди и феролегури во Шибеник.
Според тужбата која е поднесена против Хрватска од страна на Европската комисија, судот пресудил на штета на Хрватска затоа што не презела мерки за „санација на нелегалното `црно брдо` кај Задар“.
Од 2010 година на локацијата на земјиштето кое не е уредено за одложување отпад во близина на семејните куќи била истоварувана згура која Хрватска не ја класифицирала како отпад, а не се преземени мерки за заштита на подземните води и спречување на ширењето прашина во околината. Згурата е депонирана за време на санацијата на поранешната Фабрика за електроди и феролегури, а граѓаните се жалеле на тоа.
За првпат, Европската комисија ја предупреди Хрватска на нејзините обврски во 2014 година. Откако во септември 2018 година, отпадот не бил отстранет, ЕК против Хрватска поднела тужба, а после постапката судот утврдил дека сите три тужбени барања се основани.
На ова се огласи и Министерството за странски и европски работи на Хрватска. Велат дека се работи за декларативна пресуда на Европскиот суд, без финансиски санкции со што Хрватска се задолжува да ги преземе потребните мерки и постапи согласно пресудата.
„Со оглед на тоа дека Хрватска во текот на постапката пред судот на ЕУ, одложениот камен агрегат го дефинирала како минерална сировина во своја сопственост, надлежното министерство ќе го одреди најефективниот начин за обновување на минералните сировини, почитувајќи ги условите од Директивата 2008/98 за отпад“, подочуваат од министерството.
(Извор – www.radiomof.mk)