Меѓународна конференција за енергетика „Македонски енергетски форум-МЕФ 2019“ на тема „Енергетската транзиција во светот преку обновливи извори и енергетска ефикасност“ од 15 до 17 мај ќе се одржи во струшкиот хотел Изгрев. Со воведно обраќање на премиерот Зоран Заев и вршелот на должноста амбасадор на САД во Северна Македонија, Микаела Швајцер-Блум, денеска официјално ќе биде отворена МЕФ 2019.
На настанот што ќе се одвива во наредните два дена, чија тема е „Енергетската транзиција во светот преку обновливи извори и енергетска ефикасност“, ќе учествуваат високи претставници од домашни и меѓународни институции, приватни компании, невладини организации и експерти од областа на енергетиката.
Расправата ќе се одвива преку пет панели кои ќе третираат теми од регионалните предизвици во приклучувањето кон глобалната енергетска транзиција, новите технологии во обновливите извори, енергетската ефикасност, гасот, како и посебен панел за родовата застапеност во сферата на енергетиката. На првиот панел на тема „Енергетска транзиција во светот и регионални предизвици во пристапувањето кон глобалниот тренд“ ќе се обратат вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и директорот на Енергетската заедница, Јанез Копач.
Модератор ќе биде директорот на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Драган Миновски, а покрај Анѓушев и Копач, ќе говорат и косовскиот и црногорскиот министер за економија, Валдрин Лука и Марко Радуловиќ. За денеска е предвидено да се одржат уште два панели, од кои првиот ќе биде на тема „Жените во енергетиката – можности и предизвици за родова еднаквост“, а вториот „Регионални предизвици во снабдувањето со природен гас“.
Конференцијата е во заедничка организација на АД Електрани на Северна Македонија, Владата, Амбасадата на САД и невладината организација ЗИП Институт.