Од следниот понеделник Регулаторната комисија за енергетика ќе ги утврдува цените на нафтените деривати по новата методологија, која регулаторите треба да ја донесат во следните два дена. На прес-конференција посочија дека со неа цените ќе бидат пониски од оние што се одредувале со старата, а придобивки ќе имаат и граѓаните и трговците.
Движењата на цените на секој дериват одделно на светските берзи и курсот на доларот ќе бидат најбитни елементи при одредување на цените со новите правила. Средната дневна берзанска цена ќе се утврдува согласно ПЛАЦ Јуропијан маркетскен, а ќе се работи со среден курс на доларот на Народната банка. Од РКЕ велат дека ќе одредуваат максимални цени, над кои нема да може да оди ни една компанија, а трговците ако сакаат ќе можат да конкурираат меѓу себе со пониски цени.
Наместо на 14 како досега, цените ќе се определуваат на седум дена, со цел да се намали ризикот на трговците, и да прават поточни планирања. Маржата со новите правила ќе биде под 4,8 денари и според претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, таа ќе им гарантира разумен профит на трговците.
„Ние добивме барање од компаниите транспортниот трошок да изнесува 0,8 и 0,85 денари. Ова е бизнис кој ние не го регулираме, но во изминатиов период правевме сериозни анализи и нема да биде прифатено ниту едното, ниту другото барање. Во однос на маржата, добивме барање од 6,2 денари, 6,5 денари итн. Ова се однесува на малопродажната маржа. Таа ќе биде под пет денари. Тие си ги кажаа своите барања, ние си правиме наши анализи, а ако треба да ги прифаќаме барањата на сите компании, тогаш нека нема РКЕ, секој нека си кажува какви сака цени и нека си тераат работа. Ќе направиме методологија која ќе им овозможува на трговците да остваруваат разумни профити и тоа е во ред, немаме проблем со тоа“ рече Бислимовски.
Со новиот Закон за енергетика, покрај регулирањето, една од главните цели е и обезбедување сигурност во снабдувањето и конкуреност на нафтениот пазар.
(МИА)