Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) веќе ја усвои новата методологија за пресметка на цените на нафтата и нафтените деривати и почнувајќи од денеска секој понеделник според неа ќе ги одредува максималните малопродажни цени на горивата во земјава.
Во новата методологија РКЕ ја зголеми малопродажната маржа од сегашните 3,2 на 4,6 денари по литар иако трговците бараа таа да изнесува од 6,2 до 6,5 денари за литар. Покрај тоа, трошокот за транспорт во државата е пресметан на 0,75 денари за литар.
И со новата методологија, курсот на доларот во однос на денарот и движењето на цената на суровата нафта и на нафтените деривати на светските берзи остануваат главни критериуми од кои зависи малопродажната цена на горивата на бензинските пумпи низ земјава.
Со донесувањето на новата методологија престанува времената либерализација на пазарот на горивата во земјава што траеше две недели поради не потпишувањето на измените на Законот за енергетика од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов кои беа неопходни за да се донесе подзаконскиот акт за одредување на новата методологија.
Потребата од новата методологија за пресметка на малопродажните цени на горивата настана откако на 8 мај годинава престана да важи Анексот „Д“ од Договорот за купопродажба на ОКТА според чии одредби беше изработена методологијата по која во изминатите 20-тина години РКЕ ја пресметуваше малопродажната цена на нафтата и нафтените деривати.